Обвинителството два месеци води обемна истрага за изборни нерегуларности

По повод објавените натписи, каде се обвинува портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, дека дал 60.000 денари за партијата, или три пати помалку од како што велат невработениот студент Ивана Туфекџиќ и граѓанскиот активист Павле Богоевски, ОЈО соопшти дека во врска со изборни нерегуларности има отворено постапка уште во 2016 година.

 

Основното јавно обвинителство – Скопје во работењето постапува неселективно и неповрзано со преземени дејствија на други органи, ја води постапката без да објави податоци за нејзиниот тек за да не ја повреди тајноста што е обезбедена со закон.

„Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи“, се вели во соопштението од обвинителство.

Во рамките на постапката досега се преземени претходни дејствија, побарана и прибрана е материјална документација, релевантни писмени докази, а во просториите на Основното јавно обвинителство – Скопје се сослушани повеќе од 70 лица сведоци, додаваат од таму.

 

Основното јавно обвинителство – Скопје ја известува јавноста дека во моментот кога ќе се стекнат законски услови, јавното обвинителство ќе излезе со поконкретни податоци.

 

 

 

13.02.2017 - 11:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега