СДСМ и Заев под истрага за незаконско финансирање кампања

Основното јавно обвинителство води постапка за финансирањето на кампањата на СДСМ. Според извори од истрагата, случајот е отворен уште во октомври 2016та година и се однесува на кампањата за изборите кои се одржаа на 11 декември. Според соопштението од Основното јавно обвинителство, истрагата е обемна а веќе се сослушуваат и голем број сведоци.

Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи“, се вели во соопштението од обвинителство.

До сега се сослушани повеќе од 70 сведоци. Под сомнение се партијата како правно лице, одговорното лице во партијата, односно претседателот на политичката партија како и лицето кое е назначено како одговорно за спроведувањето на кампањата. До сега според нашите сознанија овие лица не биле сослушани.

ВМРО-ДПМНЕ подолго време прашува како одредени лица донирале средства за кампањата на СДСМ кога тие ниту биле вработени ниту имале пријавено какви било примања од кои би можеле да одвојат пари за партијата. Истовремено дел од медиумите отвораа дилеми околу веродостојноста на финансиските извештаи на СДСМ.

Од СДСМ до сега во неколку наврати тврдеа дека објавените информации се лаги. Од партијата денеска нема реакција за истрагата која ја водат јавните обвинители.

 

 

 

13.02.2017 - 14:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа