Мајката на убиеното дете сведочеше низ солзи: Бобан сакаше да не убие сите

 

Денеска во судот во Куманово почна судскиот процес за убиството на малиот Алмир од Куманово. Мајката на убиениот Алмир Алиу, Ниџивере Касуми, денеска сведочеше во Основниот суд - Куманово и со солзи во очите раскажуваше што се случило кобната ноќ, на 25 јуни лани, кога го изгуби своето чедо, пренесе Телегрраф.

Мајката рече дека малиот Алмир подолго време имал треска и дека примал редовна терапија со инјекции. На 25 јуни минатата година таа, нејзиниот сопруг и Алмир заминале во Здравствениот дом - Куманово за детето да прими инјекција. Како што рече таа, во болницата имало метеж. Додека чекале, дошло болно лице кое ѝ рекло дека не може да чека и дека ќе се онесвести. Ниџивере Касуми рече дека го пуштиле болниот да влезе пред нив.

Кога болниот влегол кај докторот, осомничениот Бобан Илиќ почнал да им вика, нејзе и на нејзиниот сопруг, зошто пуштаат луѓе преку ред и почнал да ги навредува. Со него била и една девојка. Ниџивере слушнала дека Бобан по телефон му се јавил на својот брат и потоа му рекол на нејзиниот сопруг: „Сега ќе видиш ти“. Кога излегле од болницата, брат му на Бобан, Бојан Илиќ, замавнал кон сопругот со намера да го удри, но Ниџивере успеала да го оттргне. Бобан и Бојан си заминале. Кога Ниџиваре со сопругот и детето тргнала кон возилото, кон нив наишол автомобил со голема брзина и ги удрил. Ниџивере рече дека секунда била во прашање. Таа рече дека го видела сопругот како скокнал над возилото пред да ги удри. Автомобилот удрил во неа и Алмир. Се онесвестила и паднала на земја. 

За неколку секунди се освестила и го видела син ѝ како лежи притиснат до ѕид. Автомобилот што ги прегазил го снемало. Го зела синот в прегратка, влегле во болницата и побарале помош, а на сопругот му рекла: „Син ни умира“. Тогаш видела ужасна глетка. Кога му ја исекле облеката на Алмир, видела дека целата нога му е распарчена. Рече дека детето една недела лежело во болница во Скопје пред да почине.

Мајката побара доживотен затвор за Бобан Илиќ, но рече дека ни тоа нема да ја задоволи затоа што нејзиното дете никогаш нема да се врати.

 

 

 

15.02.2017 - 15:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега