Нов закон во Македонија: Жените ќе одат во пензија на 59 а мажите на 61 година

Работниците ќе можат предвреме да одат во пензија и тоа жените на 59 години, а мажите на 61 година, само ако нивните работодавачи се согласат да им плаќаат надоместок во период од три години до нивното пензионирање, е првичниот предлогот на Комисијата која работи на имплементирање на барањето на Организацијата на работодавачи за предвремено пензионирање.

Предлогот за предвремено пензионирање работодавачите го дадоа пред околу шест месеци, а Владата прифати да се работи на негово имплементирање во законите, но само ако предвремените пензии ги плаќаат работодавачите, односно да не бидат на товар на државниот буџет и буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

- Ова е само првичен предлог со кој му се дава некакво решение на барањето на работодавачите за предвремено пензионирање на дел од работниците кои поради нивната возраст не можат да одговорат на работните задачи во трета смена или не можат да се усогласат со напредните технологии. До конечното донесување на новините во пензионирањето, можеби и овој предлог ќе претрпи измени. Нашиот предлог првично беше работодавачите да ги испраќаат во предвремена пензија работниците пет години порано и да ги исплаќаат нивните пензии, но подоцна утвдивме дека тоа можеби и ќе биде голем товар за работодавачите и го намаливме периодот на предвремено пензионирање на три години - вели претседателот на Организацијата на работодавачи, Ангел Димитров.

Комисијата, вели Димитров, сега чека пресметки од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување колкави би биле пензиите за работниците кои би оделе во пензија. Тоа се работници главно во градежништвото и банките, кои прифатија да плаќаат пензиски надоместок за предвремено пензионираните работници. 

- Од пресметките на пензиите и споредбата со надоместокот за технолошки вишок, кој работодавачите би го давале ако овие работници се прогласат за технолошки вишок, ќе зависи моделот на пензијата, односно надоместокот за предвремено пензионирање. Според важечките закони, надоместокот за технолошки вишок е 50 отсто од просечната плата. По пресметките ќе утврдиме која варијанта е поприфатлива за работодавачите и потоа ќе се решава за висината и начинот на исплата на надоместокот за привремено пензионирање - вели Димитров.

Првично Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не прифати предвременото пензионирање да се исплаќа преку Фондот. Работодавачите тогаш предложија исплатата да се реализира преку Агенцијата за вработување.

- Од пресметките кои ги очекуваме од ПИОМ ќе зависи како ќе се изведе и плаќањето на парите за предвремено пензионираните, но се уште е рано да се говори дека се е договорено - вели Димитров.

Анкетата што ја направи Организацијата на работодавачи пред да побара утврдување на предвремена пензија, покажа дека само два сектори прифаќаат предвремено пензионирање, и тоа градежниот и банкарскиот сектор. 

- Во градежништвото старите работници не можат да одговорат на сменското работење и условите за работа, качување на скеле и слично, а во банките постарите работници не можат да се вклопат во новите технологии. Нивната замена е на задоволство како на работниците, така и на работодавачите. Едните ќе добијат заслужен одмор, а другите ќе можат да вработат нови работници - вели Димитров.

 

 

 

16.02.2017 - 11:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега