ВМРО-ДПМНЕ: Главен приоритет на Владата беше и останува намалувањето на невработеноста

Главен приоритет на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ беше и останува намалувањето на невработеноста. Во таа насока изминатите десет години се спроведоа голем број реформи, мерки и проекти со кои успеаваме да ја намалиме невработеноста од 38 отсто во време на СДСМ, на најниско ниво досега од 23,4 отсто, рече на денешната прес конференција Владимир Атанасов од ВМРО-ДПМНЕ. 

Посочи дека ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 10 години отвори над 160 илјади нови работни места во услови на светска криза, европската должничка криза и домашната вештачки наметната политичка криза од СДСМ.

- ВМРО-ДПМНЕ нема да застане тука. Во таа насока Владата го усвои Оперативниот план за вработување за 2017-та година, преку кој заедно со Македонија вработува 2 е предвидено да се отворат околу 10 илјади нови работни места, истакна Атанасов и додаде дека за спроведување на овој Оперативен план се предвидени 14 милиони и 200 илјади евра, или 2,6 милиони евра повеќе од претходната година.

Оперативниот план, како што појасни, опфаќа голем спектар на можности, како што се програмата за самовработување, обуките, грантовите, поддршката за брзорастечките компании, нови работни места во микро и макро претпријатијата, практикантството и низа други инструменти со кои ќе се отворат нови работни места.

- Сите невработени лица кои се евидентирани во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа имаат пристап до сите овие услуги, програми и мерките за вработување, додаде тој.

Според него, овој Оперативен план значително ќе се придонесе за намалување на невработеноста која се предвидува наредната година да изнесува под 22 проценти, а до 2020 да се намали на 17 до 18 проценти.

ВМРО-ДПМНЕ и во иднина, како што истакна Атанасов, ќе продолжи посветено и континуирано да работи на намалување на невработеноста и отворање нови работни места.

 

 

 

18.02.2017 - 15:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега