ВМРО-ДПМНЕ:Во тек инвестициски циклус во здравството од 74,6 милиони евра

Како никогаш досега, во здравствената инфраструктура во тек е инвестициски циклус во вредност од 74,6 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи и во иднина да работи на подобрување на здравството, затоа што тоа е и ќе остане еден од најзначајните приоритети во нашата работа. Грижата за граѓаните секогаш била и ќе биде и во иднина највисок приоритет за ВМРО-ДПМНЕ, истакна денеска на прес-конференција на партијата Марија Андоновска. 

Андоновска рече дека во тек се финалните градежни работи за надворешно и внатрешно реновирање на Општата болница во Велес, кое опфати реновирање на фасадата и на неколку одделенија: интерно, очно, орално, гинекологија и акушерство. Инвестицијата, како што кажа, е во вредност од 21 милиони денари.

Исто така, додаде, во тек е изградбата на новата Клиничка болница во Штип, инвестиција вредна околу 56 милиони евра вклучувајќи ја и најсовремената медицинска опрема која ќе се набави за болницата.

- Со оваа инвестиција Штип ќе добие болница според врвни светски стандарди, најсовремена болница во поширокиот регион. Бенефит ќе имаат над 200.000 жители од источниот регион на Македонија кои гравитираат кон болницата. Целокупната градба очекуваме да заврши во вториот квартал на 2018-та година, рече Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

После 80 години, продолжи таа, отпочната е темелна реконструкција на УК за хируршки болести „Св.Наум Охридски“, каде се инвестираат 125 милиони денари. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени сите болнички соби, оперативниот блок, интензивната нега, Центарот за изгореници, стерилизацијата и др. Реконструкцијата опфаќа и изведба на тоалети во секоја болничка соба, како и комплетна замена на прозорците.

Во ГОБ „8 Септември“ во тек е изградба на бункер за нов акцелератор, инвестиција од 50 милиони денари, која треба да финализира во вториот квартал на годината.

Се работи, истакна таа, и на реновирање и адаптација на објектот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св.Еразмо, инвестиција вредна 215 милиони денари. Со неа е опфатено и преселувањето на Заводот за кардиоваскуларни заболувања.

Завршена е и комплетната надворешна реконструкција на болницата во Битола, со нова фасада, нов кров и комплетно нови прозорци на болницата.

Дополнително, потенцираше таа, во тек е целосна реконструкција и адаптација на болничкиот објект во Кичево, градежни работи за дооформување и адаптација на постојниот болнички објект во Општа болница Струмица, како и комплетна внатрешна реконструкција на прилепската болница што е прва комплетна реконструкција откако е изградена болницата во 1980 година. Бенефит ќе имаат над 120.000 жители од регионот. 

 

 

 

20.02.2017 - 16:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега