Османи: Нема преговори - без официјална употреба на албанскиот јазик нема влада

Во седиштето на ДУИ во Мала Речица, доцна попладнево започна средба меѓу лидерот на ДУИ, Али Ахмети и потпретседателите на партијата. На средбата на која учествува и дел од тесното претседателство, според портпаролот Бујар Османи, се разговара за тековни прашања за добивање на мандатот за составот на нова влада, одлуката која треба да ја донесе централното претседателство на партијата.

2-bujar-osmani[1]

Ова највисоко партиско тело како што рече Османи, ќе биде свикано кога работните групи на партијата ќе имаат усогласени материјали, по однос на прашањата и предлозите кои ДУИ ги постави како услови без кои не може да се преговара.

 

-Еден од тие услови е официјална употреба на Албанскиот јазик, предлог кој е доставен од ДУИ, и тој не е почетна позиција за преговори, туку е услов без кој не се може. Тој текст не може да биде предмет на преговори или да се стесни во ниту една буква, тоа е оптимумот кој го предвидува Рамковниот договор и Уставот, и во ниту еден дел не излегува од Уставот, но го решава ова прашање кое не е решено со Рамковниот договор. Значи текстот не е предмет на преговори, туку се работи за прифаќање или неприфаќање – рече Османи

Тој рече дека за точките од Албанската платформа, кои предвидуваат промена на Уставот, потребно е започнување на, како што го потенцираше, македонско-албански дијалог.

-Платформата која беше донесена, беше постигнување на внатреалбански консензус, за да се започне македонско-албански дијалог. Промената на Уставот бара да се вклучат сите парламентарни партии, затоа што за да се промени Уставот потребно е двотретинско мнозинство – вели Османи.

Тој додаде дека вечерва нема да се донесе никаква одлука и не прецизираше кога партијата ќе го свика централното претседателство.

 

 

 

20.02.2017 - 19:33

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега