ВМРО-ДПМНЕ: Нови избори или СДСМ да се откаже од албанската платформа

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение посочува дека јасно ја соопштило својата позиција уште пред да влезе во преговори за формирање на идната владина коалиција, а и оти таа гласела „Влада да, но не по секоја цена“. 

ВМРО-ДПМНЕ одби да разговара под уцена за прифаќање на платформата изготвена и потпишана во Тирана чија крајна цел е редефинирање на Република Македонија и нејзино трансформирање од мултиетничка во бинационална држава, истакнуваат од партијата.

Остануваат на ставот дека решение за ситуацијата се или нови избори или Заев и СДСМ да се откажат од албанската платформа, а ВМРО-ДПМНЕ со своите пратеници да го поддржат да формира влада. 

Оттаму сметаат дека СДСМ е уценет само заради тоа што изгубил на изборите, не ја добил поддршката на граѓаните и не освоил мнозинство гласови за да формира влада и оти е доведен до ѕид поради, како што велат, патолошката желба на Зоран Заев да биде премиер по секоја цена.

- Затоа СДСМ прифаќа и гледа позитивно на платформата од Тирана. Затоа СДСМ се согласува на официјализирање на албанскиот јазик и воведување на двојазичност на цела територија. Затоа СДСМ се согласува на менување на банкнотите и униформите. Целата јавност деновиве беше сведок дека СДСМ ги прифатил и останатите сегменти од платформата кои подразбираат носење на резолуција за прогласување на геноцид врз албанците, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Сите овие отстапки на СДСМ, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, се исклучително опасни по иднината на Република Македонија и оти цената на уцените, на крај нема да ја плати само Заев и СДСМ, туку Република Македонија.

- Излези од оваа состојба во која е доведена во прашање иднината на земјата има два. Првиот е одржување на брзи вонредни избори. Зоран Заев смета дека рејтингот на СДСМ пораснал со прифаќањето на платформата и заради тоа го повикуваме да поддржи нови избори и да излезе пред граѓаните за да ја побара нивната поддршка. Факт е дека граѓаните на минатите избори не гласаа за платформата од Тирана и природно и очекувано е тие да се изјаснат.

Вториот излез е јавно да се откаже од платформата која досега ја поздравуваше и на која што гледаше афирмативно. ВМРО-ДПМНЕ го повикува СДСМ да ја отфрли платформата и да го послуша мислењето на граѓаните. Доколку СДСМ отстапи од политиката која е спротивна на државните и национални интереси, ВМРО-ДПМНЕ со своите 51 пратеник ќе ги поддржи да формираат Влада.

 

 

 

03.03.2017 - 09:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега