Могерини денеска и во четврток реферира за Македонија

Следните чекори на Европската унија во однос на состојбата во Македонија ќе бидат познати по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ и состанокот во четврток на претседателите и премиерите од земјите-членки на ЕУ, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар кој беше во посета на Тетово.

Амбасадорот Жбогар запрашан за ставовите околу политичката состојба посочи дека на минатонеделната посета на високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и нејзините изјави кои биле многу јасни, но оти следните чекори ќе се знаат по овие две средби неделава. 

- Ќе видиме кои се следните чекори, затоа што денеска Могерини има состанок со министрите за надворешни работи на ЕУ и ќе ги брифира овие претставници за средбата што ја имала во Скопје, така што ќе видиме какви пораки ќе произлезат од средбата. Исто така, и в четврток Могерини ќе има средба со премиерите на земјите-членки на ЕУ и на таа средба ќе се разговара за состојбата, по што и оттаму ќе произлезат пораки, рече Жбогар.

Не сакаше да ја коментира и можноста за одложување на локалните избори бидејќи, како што рече, за тоа одговори треба да дадат локалните политички претставници.

Градоначалничката на Тетово Теута Арифи рече дека за неа европската иднина на Македонија е голема можност за надминување на проблемите и поделбите, како и за спроведување на реформите што се потребни.  

- Мислам дека тоа е заеднички интерес на сите граѓани без разлика на нивното етничко потекло што живеат во Македонија. Зависи од политичките партии и нивните одлуки како ќе решат за следните чекори. Сметам дека тие чекори треба да бидат на линија на демократските вредности и евроатлантските интеграции, но како и да се одвиваат целиот тек треба да биде конституционален, во рамки на Уставот и позитивните Закони на Република Македонија, рече Арифи.

Повиците за поделба и меѓуетничка нетрпеливост, според неа, не треба да бидат дел од ничија политичка агенда имајќи го предвид фактот дека заедничката иднина на сите граѓани од оваа земја без разлика на нивното етничко потекло се евроатлантските интеграции и почитувано место во ЕУ. 

Амбасадорот Жбогар заедно со словенечкиот колега Милан Јазбец денеска промовираа проекти на ЕУ во Тетово.

 

 

 

06.03.2017 - 14:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега