ВМРО-ДПМНЕ: Мора да останеме со народот да ги браниме државните интереси по секоја цена

ВМРО-ДПМНЕ мора да остане со народот и да продолжи да ги брани државните и национални интереси по секоја цена, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ

Централниот комитет на вчерашната седница донесе заклучок со кој Извршниот Комитет и партијата треба да продолжат да се спротиставуваат на обидите за редефинирање на Македонија од мултиетничка во бинационална држава. Не смее да се дозволи реализација и на останатите фази од процесот кои подразбираат менување на банкнотите, воведување на албанскиот како официјален јазик, кантонизација и федерализација, но и отпочнување преговори за менување на химната, грбот и знамето како вовед во промена на името и идентитетот.

Централниот комитет ја констатираше фактичката политичка состојба во која победникот во албанскиот блок партии одлучи да не коалицира со победникот во македонскиот блок испраќајќи го во опозиција, односно одлучи да ја изигра волјата на мнозинството македонски граѓани кои гласа за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Со тоа засекогаш е погазен принципот „победник со победник“ и веќе не постои вистинска причина во иднина да биде загарантирано учеството во извршната власт на партијата која би освоила мнозинство од албанските гласови.

Уцената со која се соочува СДСМ најскапо ќе ја чини државата. Стравот на криминогеното раководство на СДСМ дека ќе треба да издржува казна затвор доколку не формира влада, го тера да прифаќа секакви максималистички барања на штета на државата. Затоа Зоран Заев ја прифати платформата од Тирана и презеде обврска да ги реализира на штета на државата.

Затоа Централниот комитет го потврди ставот дека најдобар излез од актуелната криза е да се оди на нови, предвремени избори. Тие би се одржале заедно со локалните. Со тоа би се редуцирале трошоците, а граѓаните би добиле шанса да се произнесат околу тиранската платформа, која беше донесена после изборите како услов за формирање на влада.

Централниот комитет, исто така констатираше дека помала е штетата доколку на СДСМ му се понуди поддршка за формирање на влада и покрај тоа што ги изгубија изборите. Оваа поддршка би се реализирала само со експлицитно отфрлање на тиранската платформа и нејзините елементи од страна на СДСМ.

 

 

 

08.03.2017 - 09:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега