Маневски: Водењето судска постапка на друг јазик нема уставна основа

Како изминуваат деновите, полека, но сигурно, вистината излегува на виделина. Откако една по една картите се ставаат на маса и од претседателите на политичките партии, Зоран Заев и Али Ахмети, целта е сосема јасна – спроведување на тиранската платформа во целина. Целта е јасна, да се редефинира уставниот поредок, да се урнe унитарноста на државата и со закон да се воведе двојазичност на целата територија на Република Македонија, пишува Дневник.

И не се завршува само на тоа. Се отвораат вратите за дебата за прашања, како што се знамето, грбот, химната, геноцидот врз албанскиот народ и други прашања од платформата. Kрајната цел е менување на името на државата и идентитетот на македонскиот народ веќе оспорен од Зијадин Села, еден од потписниците на платформата на Албанците од Тирана, вели Михајло Маневски, поранешен министер за правда, за „Дневник“.

Тој истакнува дека е неверојатно и зачудувачки колку СДСМ и Заев лажат кога велат дека с` што прифатиле во преговорите со ДУИ било во рамките на Уставот!

– Нема уставна основа за воведување двојазичност на целата територија на РМ во сите институции и на сите нивоа, како и двојазичност при водење на судските постапки. Бујар Османи наведува што било прифатено за судските постапки, а имено „во судските седници, ако една од странките е Албанец, судија или адвокат, ако еден од присутните во судската седница е Албанец, целиот процес треба да биде двојазичен, документацијата и актите што ќе произлезат од тој процес треба да бидат двојазични“. Тоа значи дека СДСМ прифатил комплетна двојазичност и водење на судските постапки на албански јазик на сите нивоа во судовите доколку една од странките во постапката е Албанец, судија или адвокат, а тоа е целосно спротивно со Уставот – истакнува Маневски.

Двотретинско и обично мнозинство

Тој објаснува дека прашањето за употребата на јазикот при водењето на судските постапки е уредено со амандманот XXV на Уставот на Република Македонија. Според овој амандман, постапката пред судовите се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Употребата на јазикот во постапка пред судовите е уредено со Законот за кривичната постапка, Законот за парничната постапка, Законот за вонпарничната постапка и Законот за управните спорови, а во управната постапка со Законот за општата управна постапка и други процесни закони.

– Сите наведени закони се системски и се донесени со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието, од кои најголемиот број во времето од 2008 до 2015 година. Законот за кривичната постапка е донесен на 17 ноември 2010 година. За негово донесување гласале 81 пратеник, односно две третини од вкупниот број пратеници на Собранието, меѓу кои и пратениците на ДУИ. Според членот 8 од Законот, во кривичната постапка службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Друг службен јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо во постапката се користат во согласност со законот. На никого во постапката не му е скратено правото да зборува на својот јазик. Со Законот се гарантира правото на обвинетиот, оштетениот, приватниот тужител, сведоците и другите учесници што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот во постапката да го употребуваат својот јазик и писмо. Освен тоа, со членот 10 се гарантира правото на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот поднесоците да може да ги поднесуваат на својот јазик и писмо, кои се преведуваат и се доставуваат до странките. Поканите, одлуките и другите писмени документи на граѓаните што зборуваат службен јазик поинаков од македонскиот јазик ќе им се достават и на тој јазик. Одредбите од Законот за кривичната постапка за употреба на јазикот во постапката соодветно се применуваат и во прекршочната постапка – вели Маневски.

Повеќе прочитајте на ДНЕВНИК

 

 

 

14.03.2017 - 11:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега