Протестите во Скопје се помасовни, пораката едногласна: „Попис и нови избори"

Во организација на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“  и вечерва во Скопје се одржа протест за зачувување на унитарноста на Македонија и отфрлање на „тиранската платформа“. Со поддршка на 17-от протест вечерва се приклучија и камионџии.

Актерот Ванчо Петрушевски  во обраќањето пред Собранието истакна дека протестот е за заедничка Македонија и оти е се помасовен и вродува со плод.  Протестира, како што рече, против сите кои не ја осудиле изјавата на пратеничката од Албанија  Месила Дода за негирање на македонската држава.

- Денеска јас сум овде за да протестирам. Прво протестирам за флагрантното кршење на Македонија. Ние сме нападнати со тиранска платформа, но нашите непријатели не мируваат, не напаѓаат. Пратеничката Месила Дода ја негираше нашата држава. Протестирам против сите оние кои не го осудија ова. Нашиот протест е за заедничка Македонија, е се помасовен и се повеќе вродува со плод. За нас кои учествуваме во овој протест, знаат сите, и Европа, и Русија, и Америка, знаат и нашите непријатели, кои сакаат да се откажеме, но нема откажување, рече Петрушевски.

Нашата крајна цел, порача Петрушевски, се попис и нови избори.

- Во овој протест македонски јас сретнав луѓе од сите исповести. Во  Македонија живеат 21 процент од муслиманската вероисповест, во нив има Турци, Роми и Македонци муслимани и нашите браќа Албанци, кои тврдат дека се третина од државата, не се, наведе Петрушевски. 

Посочи на поддршката од европратеничката Маријана Петир, која, како што рече, јасно и гласно кажа дека тиранската платформа не смее да постои и да ја наруши државата. - Секој ден ќе има се повеќе кај нас кои не ја сакаат платформата. Нашата крајна цел ќе биде попис и нови избори, наведе Петрушевски.

Музичарот Валентин Стефановски истакна дека сега е најсериозното време да се спаси, како што рече, најсветлото наше огниште.

- Мораме да го отфрлиме цинизмот на демагозите и лицемерието и дволичноста, рече Стефановски.

Од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ги повторија ставовите дека се за заедничка држава за сите и оти се  против тиранска платформа и двојазична и федерализирана држава.

Богдан Илиевски, кој е еден од организаторите на протестите, истакна дека активностите на граѓанската иницијатива ќе продолжат до исполнување на поставените барања. 
 
Илиевски потенцираше дека протестите, што покрај во Скопје се одржуваат  уште во триесетина градови,  стануваат се помасовни.
 
-  Повеќе од 150.000 граѓани има низ целата држава вечерва на 31 локација. Се повеќе и повеќе сме од ден на ден. Не си одиме дома до исполнување на нашите барања, рече Илиевски. 
 

 

 

16.03.2017 - 08:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега