Зоран Заев на распит во Обвинителството

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, е повикан да се јави на распит во Основното јавно обвинителство под сомнение за изборни измами, односно за злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, дознава Нетпрес од извори во истрагата. На распит во Обивнителството се повикани и лица одговорни за финансиите во СДСМ, како и финансиското работење на партијата.

- Постапувајќи по кривична пријава поднесена од надлежна институција, Основното јавно обвинителство – Скопје минатата година оформи предмет против едно лице – организатор на изборна кампања и други лица, како и против едно правно лице за сторено кривично дело – Злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања од член 165-а од Кривичниот законик. Делата за кои е отворена постапката се во врска со употреба на недозволиви средства за изборна кампања и давање на лажни податоци во финансиските извештаи, беше наведено во информацијата до јавноста на ОЈО.

Неофицијалните информации на Нетпрес велат дека осомничени за изборни измами во истрагите кои ги води Основното јавно обвинителство се и Вице Заев, братот на лидерот на СДСМ Зоран Заев, и бившот министер во МВР од редовите на оваа партија, Оливер Спасовски.

- Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја известува јавноста дека работејќи континуирано на откривање и гонење на организираниот криминал и корупција, спроведува предистражни постапки за утврдување на постоење на основи на сомневање за организирано извршени кривични дела против изборите и злоупотреби на службените овластувања во вршење на функцијата од страна на поранешни високи функционери на МВР на РМ и други физички и правни лица од Скопје, Куманово и Струмица. Делата за кои се водат постапките се вршени во текот на 2014 и 2016 година. Постојат основи на сомнение дека лицата вршеле влијание врз начинот на гласањето преку различни форми за време на изборите, со што ги сториле кривичните дела. Во насока на целосно утврдување на фактичката состојба, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција  презема  дејствија на вршење проверки и прибавување на потребни известувања, податоци и докази, информираше Обвинителството, пред околу три недели.

Нетпрес пренесува дека станува збор за сомненија за нелегално финансирање на кампањата и корупција при изборниот процес, односно купување на гласови или правно влијание врз волјата на гласачите. Првичните сознанија на истражните органи се дека во прашање се илјадници гласови.

 

 

 

 

16.03.2017 - 09:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега