Симона Зафировска останува во притвор за убиството на својата мајка

Симона Зафировска (20) ќе остане во притвор бидејќи Врховниот суд во Бризбејн го одбил нејзиното барање таа да биде ослободена со кауција за убиството на својата мајка Радица Зафировска (57) во октомври лани во нивниот семеен дом во Бризбејн, иако таа негира дека е виновна. Симона е обвинета дека со парче паркет 20 пати ја удрила мајка си по главата додека таа спиела, а потоа повикала полиција тврдејќи дека тоа го направил натрапник што им влегол во куќата. Таа е обвинета за грозоморно убиство, а нејзиниот адвокат Дејвид Џејмс во барањето тврдел дека е од клучно значење на Симона да биде пуштена од притвор за да може да му помогне него и на неговиот тим во одбраната. Тој навел дека не постои опасност од бегство на обвинетата бидејќи, иако поседува и австралиски и македонски пасош, двете патни исправи и се одземени.

Симона во вторникот сведочеше пред судот и рече дека утрото кога се случило убиството, имало натрапник во нивниот дом. Таа се разбудила од лаењето на кучињата, па повикала полиција.

 - Таа се покрила со чаршафот преку главата на креветот бидејќи била премногу исплашена од звуците на движење пред вратата од нејзината соба. Мојата клиентка била премногу потресена и преплашена, а полицијата и покрај обвинувањето за убиство, не пронашла траги од крв на неа кога дошле во куќата. Не смее да се заборави и фактот дека неидентификуван автомобил бил забележан како заминува од улицата критичното утро - изјави Џејмс.

Обвинителот Мет Хајнс, пак, тврди дека убиството на Зафировска не е типичен случај на провала што добила несакан тек.

- Да се тврди дека имало натрапник или натрапници во куќата изгледа малку пресилно во овие околности. Предметот со кој е убиена Зафировска, парче паркет долго 87 сантиметри и тешко 1,2 килограм, беше пронајдено во собата на обвинетата. Тоа што нема најдено крв или ДНK од жртвата кај ќерка и може да се објасни со временската рамка на настаните. Не знаеме точно колку време имала обвинетата за да се исчисти од трагите - изјавил Хајнс.

Судијата што го води случајот одлучил да не го прифати барањето за кауција бидејќи постои преголем ризик Симона да не се појави на судењето што ќе се одржи бидејќи постојат доволно докази против обвинетата.

 

Kуќа, два автомобила и пари на сметка во банка во Австралија, како и автомобил и куќа во Македонија наследила Симона од својата мајка Радица. Според тамошните медиуми, тестаментот на Радица бил отворен по нејзината смрт, а во кој Симона била единствениот наследник. За да го добие целиот имот, ќерката морала да се грижи за својата мајка до нејзината смрт. Иако мотивот не е потврден официјално, се шпекулира дека причина за злосторството наводно била желбата на девојката да се осамостои, но конзервативната мајка, воспитувана според македонските традиции, не ~ дозволувала. 

 

 

 

16.03.2017 - 11:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега