Љупчо Пренџов: Народот се претстави како проблем за сценаристите за разнебитување на државата

Секојдневните протести на околу 150.000 граѓани во различни градови на Македонија го трасираа правецот по кој мора да се решава политичката криза. Потпретседателот на ГРОМ, Љупчо Пренџов во интервју за Прес24 вели дека граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ е непобитен фактор, без чија воља нема да може да се повлече ниту едно решение.

-Во моментов на политичката сцена, партиите не се единствениот фактор кој треба нешто да донесе или да одлучи. Тука се и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно, и во сé поголем број излегуваат на улица и го искажуваат својот револт. Никогаш во историјата на независна Македонија не сме имале состојба во која катаден излегуваат по минимум 100.000 граѓани и тоа речиси во сите градови и поголеми населени места. Оттаму, одлуките и постапките кои ќе се влечат во иднина мора да бидат во согласност со народната волја, вели Пренџов во интервјуто за Прес24.

Тој предупредува дека ако состојбата почне да се движи во насока спротивна од интересите на Република Македонија и се прекрши Уставот, таа бројка рапидно ќе се зголеми.

-И тоа е факт. Да не беше така, уште пред две - три недели определени амбасади и нивните емисари ќе имаа поинаква реторика од сегашната, која е молк и неверување на сопствените очи. Мислам и тоа  дека разно - разните агентури инсталирани во Македонија не го предвидоа истото, вели потпретседателот на ГРОМ во интервјуто.

Пренџов смета дека целата криза во последните повеќе од две години е организирана и добро смислена стратегија.

-Само ако го видиме редоследот на настаните овие две години, јасно се гледа што била намерата. Јасно се гледа дека не постоеле 150.000 украдени гласови туку дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имале чиста победа. Видовме дека немало 360.000 „фантоми“ во избирачкиот список кој остана ист како и претходно, со неколку илјади гласачи повеќе. Видовме дека не се работело за слобода на медиуми бидејќи соросовите медиуми имаат драстично поголеми приходи од сите останати, дека објавуваат се што ќе стигнат, спинуваат и притоа на никого не му фали влакно од глава. Сведоци сме и дека СЈО се формираше со цел Верушевски и Заев да се ослободат од притвор и да остане тоа дека Груевски, Мијалков,Јанкуловска итн. биле недоветни и сами се прислушувале затоа што, нели, жртвата беше Заев. Кутриот тој, беше најприслушуваниот во Македонија, а од него не слушнавме ниту еден разговор. Не случајно изборите бе одложувани во два наврати. Од денешна перспектива можеме да видиме дека тоа било затоа што некои структури не биле сосем подготвени за трансфер на 70.000 албански гласови кон СДСМ минатиот април и јуни. И кога на сето ова ќе се додаде платформата на Еди Рама, работите стануваат многу јасни за секој граѓанин во државата, и затоа, како што споменав, многу членови и симпатизери на СДСМ се во првите редови од протестите, вели Пренџов за Прес24.

Платформата на албанските партии е составен дел од тоа сценарио и таа не не е барање од Албанците кои живеат во Република Македонија, туку творба на, како што го опишува Пренџов, „најголемиот провокатор на Балканот, Еди Рама“.  

-Таа не е производ на нивните потреби. Таа претставува алатка за постигнување на други цели и предизвикување на меѓуетнички тензии односно држење на регионот под константен притисок. ГРОМ како политичка партија сите овие месеци и години предупредуваше дека Република Македонија е жртва на сценарио напишано во определени центри на моќ, а потпомогнато од домашни ,,остварувачи,, За жал, сé она што го предвидувавме и го предупредувавме се оствари. Се противевме на преговорите во Пржино позади затворени врати под покровителство на странски амбасадори, вели Љупчо Пренџов потпретседател на ГРОМ во интервјуто, за Прес24.

ПРЕС24: СДСМ одлучи да покрене иницијатива за свикување седница на Парламентот за избор на претседател. Координација е закажана за вторник. Што очекувате, како ќе се одвива овој процес?

ПРЕНЏОВ: Не би сакал да лицитирам со очекувања и можни сценарија. Би требало да се очекува по координацијата сепак да се конституира Собранието,  можеби да се избере спикерот на законодавниот дом, но оттука натаму, се е една голема неизвесност. Важно е да сите политички чинители дејствуваат во согласност со волјата на граѓаните на РМ и согласно изборните резултати.

ПРЕС24: Лидерот на ДУИ, Али Ахмети на двапати повтори дека без договор со ВМРО ДПМНЕ и без манадат од Иванов нема да се оди на избор на нова Влада. Сепак моќно ли е ова сега парламентарно мнозинство на СДСМ да се одлучи на таков чекор без заокружени на процедурите?

ПРЕНЏОВ: Не би можел во целост да се потпрам на изјавите на Ахмети и неговата ДУИ затоа што за разлика од минатите години кога ДУИ беше политичка партија со јасна, концизна мисла, со ставови кои беа изградени на основа на нивните цели и програма, денес, истата партија ги менува политичките ставови во зависност од ,,денот“, од ситуацијата, и воопшто не можам сериозно да сметам на нивните изјави. Мојата констатација е дека ДУИ овие две години се однесува многу слично на Заев и неговите изјави давани зависно од потребите. Да потестам: ДУИ беше партијата која велеше дека нема шанси да се одложат изборите закажани со ,,Пржино,, на 24 април, потоа не уверуваа дека сигурно ќе одат на избори на 5јуни. При аргументирање на оваа одлука дури ги сменија и министрите во владата, за да на крајот знаеме што всушност се случи. Пред изборите се залагаа за едни прашања и на нив имаа ставено посебен акцент. Денес гледаме дека безрезервно ја подржуваат Платформата на Еди Рама?! Со еден збор, мислам дека ДУИ, како и ова раководство на СДСМ, се партии кои не одлучуваат во целост за тоа во кое време и кој потег би го повлекле, а уште помалку партии кои си стојат на дадениот збор.

Процедурите во Уставот на Република Македонија се многу прецизно наведени, а тоа е дека Претседателот на државата го определува мандатарот за формирање на нова влада. Ние, како политичка партија остро би се спротивставиле на можните непредвидливи и мрачни сценарија, кои се разбира, не ги исклучувам. На СДСМ и на ДУИ, на кои, иако можеби тоа им паѓа тешко  во прв момент, мора да разберат дека Претседателот на државата е избран на непосредни избори и дека својот легитимитет и легалитет го црпи од граѓаните и дека истиот преку својата функција и институција го претставува суверенитетот и интегритетот на Република Македонија. Исто така, сакам да нагласам и тоа дека во моментов на политичката сцена, партиите не се единствениот фактор кој треба нешто да донесе или да одлучи. Тука се и граѓаните на Република Македонија кои секојдневно, и во сé поголем број излегуваат на улица и го искажуваат својот револт. Никогаш во историјата на независна Македонија не сме имале состојба во која катаден излегуваат по минимум 100.000 граѓани и тоа речиси во сите градови и поголеми населени места. Оттаму, одлуките и постапките кои ќе се влечат во иднина мора да бидат во согласност со народната волја.

ПРЕС24: Во вторник е најавено и доаѓање на Јоханес Хан и тројката европратеници. Што очекувате од таа посета?

ПРЕНЏОВ: Најнапред сакам да го искажам моето чудење за тоа како проопозициските медиуми и финансирани од ,,Отворено општество“ ,неколку дена порано знаеја кога Хан ќе дојде во Република Македонија, со која агенда и од кого ќе биде придружуван, а од канцеларијата на ЕУ од Скопје немаа ништо слушнато за било каква посета од страна на високиот претставник на Унијата. Истите ни најавија дека Комесарот за проширување на ЕУ доаѓа да изврши силен притисок врз претседателот на државата да му го додели мандатот на Зоран Заев. Во контекст на ова имаше и тези дека  доколку Иванов остане на своите позиции, изгледни се и определени санкции од страна на Унијата.

Не знам на каков начин разговараат нашите претставници со ЕУ, но она што знам е дека ако Иванов  му го даде мандатот на Заев ќе го прекрши Уставот. И, не знам, како еден висок претставник од Унијата би си дозволил и би побарал такво нешто од Иванов. Хан многу добро знае дека Република Македонија, е самостојна суверена и независна држава и дека Уставот на РМ е највисокиот правен и политички акт. Тој знае и дека овој Устав е поддржан од страна на сите етнички заедници во Република Македонија и озгора на сé, пред неговото донесување во 2001година Република Македонија изгуби и многу човечки животи за да се донесе оваков ,,консензуален Устав „. Согласно вредностите и принципите на Унијата не очекувам Хан да побара кршење на Уставот од страна на таткото на нацијата.

Од друга страна пак, сакам да потсетам и тоа дека предходникот на Хан, господинот Оли Рен имаше неколку посети на Република Македонија во 2007 и 2008година, на кои што го убедуваше Никола Груевски и раководство на ВМРО – ДПМНЕ дека ,,формулата,, победник со победник ќе донесе една стабилна и просперитетна Македонија, во која никој нема да се чувствува дека победил на избори и останал во опозиција и дека неговата програма, иако мнозинството граѓани ја поддржале нема да се реализира бидејќи некој од другата страна одлучил така. Исто така, на Оли Рен главен аргумент му било дека не е во ред стотина илјади гласови на ДУИ да останат надвор од владата на Република Македонија. Сега, како Хан би му кажал на Груевски дека е сосема во ред и полезно за државата 456.000 гласови да бидат надвор од владата?!Навистина не можам да го разберам ова!

Во контекст на прашањето, би сакал да истакнам и тоа дека ЕУ има многу внатрешни проблеми: Во Франција според анкетите  со неколку милиони гласови е во водство Мари Ле Пен, која знаеме што мисли за иднината на ЕУ, така што мислам дека не се баш до толку очите вперени во Македонија. Или, факт е дека ЕУ нема консензус за балканските прашања, а знаеме дека истата одлучува исклучиво со консензус. Навистина не знам кои ставови за моменталната  македонската политичка сцена ќе ни ги изнесе Хан, за оние на неговата Австрија искажани од страна на министерот за надворешни работи Курц, или пак за ставовите кои ги има Унгарија и Виктор Орбан или пак ќе ни ги пренесе ставовите на Холандија и Италија? На крајот на денот, она што е факт,е дека ставовите на Брисел кон Македонија имаат советодавен карактер и ние тие ставови и совети треба да ги земеме во обзир  и да ги примениме само доколку се во  согласност со интересите на  државата и на македонскиот народ.

ПРЕС24: Она што засега веројатно на СДСМ му претставува сериозен проблем се масовните протести кои секојдневно се случуваат во Скопје, но и во внатрешноста на Македонија. Можно ли е отпорот на граѓаните да го канализира решението на кризата во правец на политичко решение, или пак во правец на безбедносна криза?

ПРЕНЏОВ: Како што спомнав и во вашето прво прашање подржувачите на ,, За заедничка Македонија,, се голем фактор во решавањето на актуелната состојба. Тие, според мене, се всушност клучниот фактор. Многумина не очекуваа дека ќе имаме реакција од страна на народот, или барем не во волкави размери. Сепак, за  двамилионска Македонија, 100-150.000 граѓани подеднакво распоредени во сите градови и навистина претставуваат респектабилен и одлучувачки фактор. Да не заборавиме дека ако состојбата започне да се движи во насока спротивна од интересите на Република Македонија и се прекрши Уставот, таа бројка рапидно ќе се зголеми. И тоа е факт. Да не беше така, уште пред две - три недели определени амбасади и нивните емисари ќе имаа поинаква реторика од сегашната, која е молк и неверување на сопствените очи. Мислам и тоа  дека разно - разните агентури инсталирани во Македонија не го предвидоа истото.

Народот се претстави како проблем на сценаристите за разнебитување на државата. СДСМ е само спотер во оваа ситуација кој не одлучува самостојно во кој правец ќе ги влече следните потези.

ПРЕС24: Она што засега е карактеристика на овие протести е елементот што тие немаат некоја јасна политичка определба и што се поддржани и од дел од оние кои протестираа и минатата година како дел од шарената револуција. Дали тоа може да биде мотив за нивен успех?

ПРЕНЏОВ: Тука не станува збор за политичка определба. Тука се работи за Македонија. Јас лично секое попладне го поминувам заедно со сите оние кои излегуваат и го креваат гласот против она што  се случува на Македонија. Структурата на луѓето е буквално од 7 до 77години. Тоа се обични луѓе кои доаѓаат со своите семејства. Има многу уметници, спортски великани, и се она што не ја отсликува политиката во Македонија, но го претставува македонскиот народ. Многу од нив се членови или поддржувачи на СДСМ кои се чувствуваат измамени и излажани. Има од сите националности и Македонци, и Турци, и Роми, и Срби, и Власи. Точно е и тоа дека има дел кои исто така протестираа и во шарената револуција, тоа се оние кои искрено се надевале дека целата оваа криза е заради расчистување на наводен криминал. После изборите на сите им стана јасно дека се работи за расчистување на Македонија како унитарна држава со народ култура и традиција.

ПРЕС24: Ако состојбите се анализираат постизборно, тогаш дали предупредувањата во изборната кампања на вашата коалиција дека целта на кризата е редефинирање на државата, денеска се покажаа оправдани?

ПРЕНЏОВ: ГРОМ како политичка партија сите овие месеци и години предупредуваше дека Република Македонија е жртва на сценарио напишано во определени центри на моќ, а потпомогнато од домашни ,,остварувачи,, За жал, сé она што го предвидувавме и го предупредувавме се оствари. Се противевме на преговорите во Пржино позади затворени врати под покровителство на странски амбасадори. Велевме дека местото на политичкиот дијалог е Собранието на РМ, каде преку пратениците се претставени сите граѓани, дека во Собранието нема само Македонци и Албанци, туку дека таму седат пратеници Турци, Роми, Власи и Срби. Дека граѓаните на РМ преку јавните седници на собранискиот канал мораат да знаат што се случува во државата и кој за што се залага, зашто, нели, тие се нивните претставници, а не амбасадорите. Зборувавме и тоа дека изборите од 11декември нема да ја решат кризата и дека истата од меѓупартиска ќе се претвори во меѓуетничка затоа што тоа беше и следниот логичен чекор во сценариото за разнебитување на државата. Всушност, сé на што предупредуваше Граѓанската опција за Македонија се покажа како точно. Не дека ние имаме некое визионерство, туку, повеќе би рекол дека со студени глави ги антиципиравме можните разрешници на кризата која само ескалираше. Ние предупредувавме на несаканите последици, и би рекол, за жал, се покажа како точно.

ПРЕС24: Зошто се појави Платформата на албанските партии. Дали таа е резултат на раскараноста на македонските политички партии, или пак претходно организирана стратегија?

ПРЕНЏОВ: Се разбира дека е организирана и добро смислена стратегија. Само ако го видиме редоследот на настаните овие две години, јасно се гледа што била намерата. Јасно се гледа дека не постоеле 150.000 украдени гласови туку дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата имале чиста победа. Видовме дека немало 360.000 „фантоми“ во избирачкиот список кој остана ист како и претходно, со неколку илјади гласачи повеќе. Видовме дека не се работело за слобода на медиуми бидејќи соросовите медиуми имаат драстично поголеми приходи од сите останати, дека објавуваат се што ќе стигнат, спинуваат и притоа на никого не му фали влакно од глава. Сведоци сме и дека СЈО се формираше со цел Верушевски и Заев да се ослободат од притвор и да остане тоа дека Груевски, Мијалков,Јанкуловска итн. биле недоветни и сами се прислушувале затоа што, нели, жртвата беше Заев. Кутриот тој, беше најприслушуваниот во Македонија, а од него не слушнавме ниту еден разговор. Не случајно изборите бе одложувани во два наврати. Од денешна перспектива можеме да видиме дека тоа било затоа што некои структури не биле сосем подготвени за трансфер на 70.000 албански гласови кон СДСМ минатиот април и јуни. И кога на сето ова ќе се додаде платформата на Еди Рама, работите стануваат многу јасни за секој граѓанин во државата, и затоа, како што споменав, многу членови и симпатизери на СДСМ се во првите редови од протестите. Впрочем, и анкетите покажуваат дека СДСМ изгубил десетици илјади гласови овој еден месец, со тенденција тој пад да се зголемува.

Но, ова сценарио исто така ја потврди познатата максима дека ,,не постои совршен план за злостор,,. Сценаристите на ова разнебитување на Македонија по теркот на Ванчо Михајлов да бидеме ,, Швајцарија на Балканите,, територија со недефиниран народ јазик и култура, не предвидоа дека сепак, Коалицијата „ За подобра Македонија“ќе извојува победа на изборите во декември. Се надеваа дека со 2-3 пратеника разлика ќе победи СДСМ и под превезот на демократијата и волјата на мнозинството ќе ја протуркаат платформата на Еди Рама. Тука мораме да признаеме и тоа дека победата на Трамп и во голема мерка им ги помати сметките на сценаристите. Со еден збор на СДСМ со ова му прокисна чадорот.  Оттаму зачудувачкиот молк и збунетост на СДСМ кој не излегува со ниеден став во јавност, додека не добие некој сигнал од „менторите“ и додека не дојде некој европски дипломат или емисар да им го „сработи“ – несработеното. Тотална конфузија и безидејност.

ПРЕС24: Многумина оценуваат дека најспорно е тоа што таа е потпишана во Тирана. Но, сепак  таа беше потпишана и во Македонија, веројатно исто толку би била спорна, бидејќи во нејзината содржина е поставена уценувачки, барем во најмалку три точки?

ПРЕНЏОВ: Видете, она што е суштинско е тоа дека оваа Платформа не е барање од Албанците кои живеат во Република Македонија. Таа не е производ на нивните потреби. Таа претставува алатка за постигнување на други цели и предизвикување на меѓуетнички тензии односно држење на регионот под константен притисок. Сценаристите, да не заборавиме пробаа со планот ,,Диво насеље,, односно реприза на 2001 година, кога, таканаречени борци за човекови права, требаше да ни ги испорачаат барањата кои сега стојат во Платформата. Нашата полиција тоа го спречи односно одложи. Да бидеме искрени, сценаристите исто така беа изненадени кога жителите од таа населба наместо да ги кријат терористите тие соработуваа со полицијата во гонење на истите. Покажаа дијаметрално спротивно однесување од 2001-та година кога беа изманипулирани. Во Куманово Албанците ја пратија пораката.

Независно каде е потпишана, сите ние знаеме, а политичката партија БЕСА го потврди тоа, дека истата е иницирана и направена од најголемиот провокатор на Балканот Еди Рама. Во неа се содржани многу опасни тези од тоа дека ние Македонците треба да си се самопрогласиме за геноциден народ, до менување на државните симболи, знамето, грбот, воведување двојазичност на цела територија, или барања кои директно удираат во темелите на државата, државноста и националниот идентитет на Македонците.

ПРЕС24: Специјалното јавно обвинителство е едно од прашањата за кое исто така има серозен проблем. Зошто коалицијата во која сте дел смета дека е непотребно продолжување на рокот на работата на СЈО?

ПРЕНЏОВ: ГРОМ како политичка партија беше против формирање на ова обвинителство од принципиелни и легалистички причини. Сакам да напоменам дека ниту еден член од раководството на ГРОМ, ниту од Централниото одбор не е предмет на било какви предистражни или истражни постапки. Она кое го говориме и аргументираме нема никаква лична природа. Во една унитарна држава има единствени легални институции: Собрание, Влада, Правобранителство, Обвинителство итн, Значи уште на самиот старт се гледа неуставноста на истото. Покрај веќе постоечки институции се формираат паралелни  врз сосема сомнителни основи и со уште посомнителни побуди. Оттаму, кој било производ со фабричка мана не може да даде соодветни резултати. Тоа и се случува како што гледаме.

 

СЈО беше формирано за да истражи кој и зашто го прислушувал целиот државен врв и да истражи дали имало имало крупен криминал, но наместо тоа, тоа отвора десетина предмети кои се насочени исклучиво на дискредитација на поединци од власта, не одговарајќи на ниту едно од двете основните намени. Ниту еден случај не е докрај затворен а СЈО се појавува само кога на опозициската СДСМ и е разнишано тлото под нозете. Веќе нема дилема дека ова тело е формирано исклучиво да го скршнува вниманието во јавноста и да го прикрие политичкиот дебакл на најголемата опозициска партија, како и евидентното замешателство во политичките прилики во државата на надворешни центри на моќ. Всушност СЈО во старт е осудено на неуспех, и секој ден само тоне во жив песок.

 

 

 

19.03.2017 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега