Саркањац за Курир: Постои сериозна закана по унитарноста на државата, политички протести со ваква бројност можат да влијаат на политичките процеси во Македонија

Професорот и социополитички аналитичар Бранислав Саркањац во интервју за Курир говори за актуелната политичка состојба, одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за недоделување на мандат, протестите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. Професорот смета дека постои сериозна закана по унитарноста на државата, а неговите објаснувања прочитајте ги подолу во интервјуто.

КУРИР: Сметате ли дека се нарушува унитарноста на државата со договорите меѓу СДСМ и албанските партии и дали државата е загрозена?

Саркањац: Дефинитивно постои сериозна закана по унитарноста. Ќе издвојам две работи. Прво, за нарушувањето на правилата за фер игра во политиката. Ако си го исполнил условот да донесеш тапија со која се потврдува дека си сопственик на 20-30 хектари шума, ти ќе ја добиеш шумата, но немаш никакво право да ја исечеш кога сакаш. Знаете, сопственоста обврзува. Ако си го исполнил условот за да го добиеш тоа што е договорено со условот, ти немаш право да дејствуваш на начин кој не е договорен и, уште поважно, што ме загрозува мене или интересите на тие што ги застапувам. Ако си го исполнил условот да собереш 61 пратеник, ти немаш право да дејствуваш на начин кој не е предвиден, договорен и кој директно ги загрозува интересите на македонскиот народ, кој е државотворен. Република Македонија е сопственост на сите граѓани кои живеат во неа и никој не може да располага со таа сопственост на штета на граѓаните. Значи, не може во овој  случај правно позитивистички да се гледа на тоа дали е исполнет условот за добивање мандат за составување влада. Има секогаш нешто што е над формалното право. Уште од Аристотел до денес се зборува за правда од повисок ред, и за интереси од повисок ред. Националните интереси се токму такви. И за нив важи она што се нарекува супстанцијално разбирање на работите што е над правниот позитивизам. Кога има колизии на интереси во политичкиот живот какви што ги имаме денес во Македонија, тогаш се применува правилото на одредување на највиталните приоритети на државата.

Погрешно е да му се забележува на Претседателот дека не може да прави што сака и дека треба да го даде мандатот, како што можев да видам во неколку коментари на странски политичари. Неговата одлука е далеку од своеволие или инат, како што формулираат повеќе странски дипломати. Во неа имате оценка која се повикува на важноста на државните приоритети и нивната надреденост во однос на формално правното. Во крајна линија ниту еден закон не може сè да опфати и да кодифицира, уште помалку да предвидува конкретни ситуации.

Второ, се поочигледно се манифестира фрустрацијата на мнозинството. Тука не мислам само на Македонците туку и на Турците, Власите, Ромите, Србите и сите др. што живеат во Македонија. Чувството на загрозеност е работа за која мора сериозно да се води сметка, а не само да се нафрлаат членови од закони или да се наведуваат преседани од политичката практика. Нема потреба да се нагласува дека тоа чувство што особено последниве недели го делат стотици илјади во Македонија, еднакво, не е кодифицирано ниту во еден закон.

КУРИР: Како ги коментирате изјавите од ДУИ дека постигнат е договор за дебата со СДСМ за промена на знамето, химната, националниот грб на Република Македонија?

Саркањац: Повеќе од дваесет години зборувам за Македонија како хетерогена национална држава  со мултикултурна политика во која активно се води сметка за правата на помалите заедници. Хетерогена значи обратно од хомогена. Македонија не е само на Македонците. Но, национална значи дека  на планот на клучните обележја на државата Република Македонија не може да се задира во идентитетoт, симболите, историјата на македонскиот народ и статусот на македонскиот јазик.Внимавајте, дваесет години  зборувам, исто така, за  доследен мултикултурализам.  И дека ако го нема над Македонија демне бикултурализмот, бинационалноста како разврска. Бинационалноста е многу извесен вовед во федерализација или поделба на Македонија. Да објаснам, за кои две нации ќе зборуваме во бинационалната Македонија? За Македонците и Албанците. Меѓутоа албанската нација може лесно да се дефинира како заеднички именител на Албанците од Македонија, од Албанија и од Косово. И тоа ќе се направи. Тука дефинитивно се губи битката не само за унитарноста, туку за остварување на историските стремежи на македонскиот народ да има самостојна суверена држава, целосно меѓународно призната.Со бинационалноста неповратно ќе се урнат темелите на македонската држава. Сите овие изминати 25 години напори за градење соживот ќе станат изгубени години. Да одземеш 25 години од нечиј живот е страшно.

А мислам дека мултикултурализмот активно се негува во Македонија и дека не сме го запоставиле па да се наметне сега бинационализмот. Приказната за договорот за промена на знамето, националниот грб не е резултат на слабоста на мултикултурализмот, туку обратно, тоа е напад врз мултикултурализмот зготвен во некоја друга кујна. Македонија тука  не смее да отстапи. Мултикултурализмот е на овие простори присутен, најмалку 2500 години. И тоа е едно од обележјата со кои најмногу се гордееме (соседните земји не можат многу да се пофалат на тој план).И мултикултурализмот е еден од приоритетите на државата кој позитивизмот во правото не смее да го загрози.

И уште еднаш за договорот или т.н. платформа. Да се поставуваат вакви барања пред македонската државотворна нација која со децении е обесправена и негирана најблаго кажано е политички нефер.  Во суштина, се работи за безобѕирна провокација.

По такви историски успеси на албанската нација за само десеттина години (Албанија во НАТО, независност на Косово, Рамковниот договор во Македонија), јас очекував период на каква таква солидарност со македонскиот народ. Знаете, да каже некој “постигнавме многу за кусо време и многу сме горди на тоа, ред е да ве поддржиме вас Македонците да бидете целосно признати од сите страни”.

КУРИР: Како гледате на улогата на меѓународниот фактор во актуелната ситуација?

Саркањац: Ја гледаат Македонија во облак, на небо. Не водат сметка за историскиот контекст, за геополитичкиот или геокултурниот контекст на Македонија. Се нафрлаат како врз средена европска национална држава, што ќе рече, рамнoправен и признат политички субјект на меѓународен план, која не води сметка за правата на малцинствата кои живеат во неа. А Македонија не e ни блиску до таква држава. Уште не можеме да се ослободиме од референцата FYROM. Негирани сме и оспорувани од сите соседи. Не сме членка ниту на ЕУ ниту на НАТО. Понатаму, геокултурниот простор на Албанците е многу поголем од македонскиот. Културниот пазар е многу поголем. Имаат 5 милиони потенцијални конзументи на литература, филм, уметност, што е повеќе од 3 до 4 пати повеќе од културниот пазар на македонски јазик. Тоа значи дека многу полесно и со помалку помош од државата можат да ја развиваат албанската култура. Ова странците не го гледаат.  Кога станува збор за правата на Албанците те гледаат како целосно признат политички субјект. А кога ќе им ги предочиш проблемите со соседите од кои фактички не си целосно признат политички субјект се прават како да не слушаат. Ти викаат жонглирај, а не гледаат дека четворица ти ги држат рацете. Кога се зборува за двојните стандарди на ЕУ спрема нас се мисли токму на ова.

КУРИР: Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ веќе трета недела протестира во голем број градови низ Македонија, меѓу другото барајќи отфрлање на Тиранската платформа. Дали сметате дека ваквите протести се оправдани?

Саркањац: Книгата Македонски катахрезис – како да се зборува за Македонија ја напишав како протест против обесправеноста на Македонија од страна на меѓународната заедница. Ја напишав како протест против сите што нè негираат, а и сите што не застануваат на наша страна и покрај очигледните напади врз идентитетот и чувството на припадност на тие што се дел од мојот живот – роднини, маалски другари, студенти  и воопшто сите што се чувствуваат како Македонци и не го поднесуваат зборот FYROM. И јас го делам гневот за тоа што уште им се дозволува на поединци да кажуваат дали постоела или не македонската нација или историја. Дома да ми влезе некој и да ми кажува како се викам? Тоа го слушам на секој чекор. Книгата е објавена во 2001 година, но и денес стојам зад секој збор напишан во неа. На  протестите против Тиранската салвета т.н. платформа комотно можам да ги придружам сите 200 страници на мојот протест.

На една друга работа сакам да укажам. Политички протести со ваква бројност можат битно да влијаат на политичките процеси во Македонија. Ова јас го нарекувам иницијален протест. И тој е голем. Не знам дали имало поголем. Но тоа не е сè. Протестите во 21 век не завршуваат на улица. Тие се шират преку разни форми на политички активизам, надвор од и по протестот. Тие го имаат ефектот на маало, на маалско ширење на муабет. Учеството на протест се покрива со медиумите, актуелно е на социјалните мрежи. Крајниот ефект е влијание врз политичките убедувања генерално, и однесувањето на гласачите. Еден учесник на протести може да значи најмалку два гласачи. Истражувањата кажуваат дека има случаи (како во САД) еден учесник на протести да донесе и 10 до 15 гласачи.

КУРИР: Изјавата на Костовски за Егејците, наиде на голема осуда во јавноста. Како ја коментирате истата и дали делењето на Македонците по местото на потекло е дискриминација? 

Саркањац: Ми поставувате прашање како да се работи за некој авторитет чие мислење вреди да се разгледува. Но, сепак, ќе ви дадам една лична перспектива на ова. Мајка ми како девојка учествувала во прифаќањето на децата од Егејска Македонија и цел живот не дозволуваше некој да каже лош збор или да тера мајтап за тие страдалници и нивната судбина. Кога ќе се спомнат правата на Македонците во Егејска Македонија треба да се мисли на страдањата на бегалците. Многу е омаловажувачки да кажеш “нека си ги бараат правата таму и таму”. Како на некој да му кажеш да се врати на нива затоа што не е роден во Скопје. Ајде, во ова може да најдеш и зрнце бенигност. Но кога се работи за Егејците ваква изјава е недозволива. Се работи за барање на историска правда и тоа барање е дел од македонската историја, историјата на негирана и обесправена нација. Да не зборуваме за тоа дека Македонци има ширум светот. И тие ли треба да се замолчат и да си ја бркаат работата таму кај што се и да не изразуваат загриженост за состојбата во Македонија? Следен чекор би бил да ги пратиме Ромите во Индија и Турците во Анадолија. По истата логика и тие нема што да се произнесуваат. И така навистина ќе направиме бинационална држава.

КУРИР: Ваш коментар за одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да не доделува мандат поради потпишување на постизборна платформа во соседна земја. 

Саркањац: Мислам дека веќе одговорив на некој начин на ова прашање. Уште еднаш накратко да го повторам тоа: ако ти дадам услов и ти го исполниш, тоа не ти дава за право да му забодеж нож во грб некому. Децидно, не треба да го доделува мандатот доколку се повикува на интерес од повисок ред (како што кажав во одговорот на првото прашање). Германците зборуваат за Staatsräson, Французите за raison d’état, Англичаните за national interest. Но, кај сите значи принцип во политиката според кој опстанокот, стабилизицијата на државата се најважниот приоритет. Сите други политички, особено партиски интереси се подредени на интересот на државата. Ако барате паралела од рецентната историја на Европа ќе ја најдете во Германија. По обединувањето на двете Германии 1990 година внатрешната интеграција доби ранг на врвен национален интерес (Staatsräson). Во случајот на Македонија тоа е сувереноста, неделивоста на Република Македонија. Се разбира, и ние по овие две и кусур години криза мора да зборуваме и за внатрешната интеграција. Мулитикултуризмот останува битна карактеристика на македонската држава и е содржан во врвниот национален интерес.

 

 

 

20.03.2017 - 11:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега