Милошоски: Заев да се откаже од платформата или да одиме на нови избори

Постојат две реални и можни решенија за излез од политичката криза, а тоа се малцинска влада со јасно откажување од албанската платформа од страна на Заев или нови предвремени паралемнтарни избори заедно со локалните. Стабилноста и напредокот на РМ ни се на прво место, истовремено со почитување на волјата на мнозинството ѓраѓани кои гласале на изборите.

Ова е пораката што во име на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Никола Груевски по средбата со еврокомесарот Јоханес Хан и тројцата европратеници вечерва ја соопшти Антонио Милопоски.

- Задоволни сме од средбата со Хан и европратениците, затоа што беше добра прилика да расчистиме повеќе дилеми, првенствено некои кои се однесуваат на лажна перцепција за чинителите во политиката во РМ. И она што беше уште поважно за нас да ги истакнеме како приоритет политичката стабилност и економсклиот напредок на РМ кои што зависат од почитувањето на волјата на мнозинството од македонскиот народ, на политичката волја на мнозинството од македонските граѓани, која штои треба да биде почитувана и во Парламентот и во владата и надвор на улиците, секаде каде што народот има суверено право да одлучува, рече Милошоски по тричасовната средба.

Подвлече дека ВМРО-ДПМНЕ ја искористило средбата аргументирано да им предложи на партнерите од ЕУ дека има две реални и можни излезни решенија од оваа ситуација.

- Првото можно решение е Заев доколку сака да формира влада истата да не биде програмски уценувана со платформи од туѓи држави и јавно да се откаже и да ги отфрли туѓите платформи и во тој случај ќе може со една малцинска влада да се посвети на проекти кои граѓаните ги гласале на изборите. Иако СДСМ ги изгуби изборите сепак граѓаните гласале за тие проекти. И второто можно решение е организирање заеднички локални и парламентарни избори кои што би се случиле во следните неколку месеци. Бидејќи без разлика дали некој сака или не парламентарни избори јасно е дека локалните никој не може да ги одбегне и бидејќи ќе имаме локални избори дали за два, три или пет месеци цела држава ќе биде во една предизборна атмосфера. Во таква атмосфера тешко е да се работи на проекти кои би биле продуктивни и реформски ориентирани, изјави Милошоски.

Тој додаде дека затоа би било добро на еден трошок двојни избори - локални и парламентарни за да може секој граѓанин да се чувствува сигурен во својот избор дека гласал за она што му било понудено, а не, рече, како што е денешната ситуација да имаме голем број незадоволни граѓани кои се соочени со една платформа која е постизборна и за која не гласале.

- Доколку партиите кои што стојат зад ваквата платформа сметаат дека е продуктивна, полезна за граѓаните на РМ таа нека биде предмемет на изборно изјаснување, подвлече Милошоски.

Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со својата активност во Собарнието, во институциите на држава со цел, вели, да се унапреди стабилноста на државата и да се зачува избирачката волја на мнозинството граѓани на РМ и оваа држава да биде унитарна и мултуетничка, а не да создава структури на бинационална и федеративна држава.

 

 

 

22.03.2017 - 00:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега