Напладне продолжува координацијата за Комисијата за избори и именување

Во Собранието на Република Македонија денеска напладне треба да продолжи координативна средба на парламентарните групи за утврдување на предлог составот на комисијата  за прашања на изборите и именувањата, што е предуслов за закажување продолжение на Конститутивната собраниска седница.

На координацијата се очекува да продолжат разговорите за избор на претседател на комисијата за избори и именувања, за што на вчерашната седница не беше постигнат договор. Во комисијата за избори и именувања, како што беше утврдено на почетокот на координацијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена, СДСМ пет, а ДУИ и Беса ќе бидат застапени со по еден чен.

По вчерашната координација Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека досегашната пракса на работа нa Собранието на Република Македонија во последните 25 години говори оти претседател на Комисијата за избори и именувања секогаш е од најголемата пратеничка група.

- Претседателското место во Комисијата секогаш без исклучок припаѓа на најголемата пратеничка група. Спремни сме ако има договор уште утре да ги тераме следните постапки и процедури во работата на Собранието, изјави Димовски.

Оливер Спасовски од СДСМ, пак, оцени дека ВМРО-ДПМНЕ спротивно на сите демократски принципи ги узурпира институциите во Република Македонија и не сака заради лични и теснопартиски интереси да функционира Собранието.

Спасовски рече дека спротивно на Деловникот Трајко Вељаноски побарал да се достави писмено барање со 61 потпис за да продолжи конститутивната седница на Собранието.

- Доставивме 67 потписи, а веднаш потоа излезе ново барање на ВМРО-ДПМНЕ дека мора да имаат шест членови во Комисијата за избори и именувања врз основа на застапеноста во Собранието. И тоа им го прифативме, а потоа поставија нов услов. Сега бараат и претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ и најавуваат дека ако тоа не се случи, нема да продолжи конститутивната седница на Собранието, рече Спасовски, посочувајќи дека Собранието одлучува кој ќе биде претседател, заменик претседател, членови и заменици членови на Комисијата 

Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Собранието. Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.

Конститутивната седница на Собранието почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината сооглед дека не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

 

 

 

22.03.2017 - 08:24

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега