Милошоски: Собранието треба да биде водено од човек кој нема намера да направи ревизија на Охридскиот рамковен договор

Во 2001 година го направивме рамковниот договор, за кој и меѓународната заедница и тука во Македонија, се согласивме дека е договор за мир и стабилност и дека е конечен договор кој што е преточен во Уставот и треба да биде почитуван. Секоја понатамошна ревизија на Охридскиот договор отвора нови ризици, создава нова напнатост, отвора нова меѓуетничка недоверба и пандорини кутии во кои може да влезе стабилноста на Македонија.

Ова на денешната Собраниска седница го порача пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

Според него, Собранието треба да биде водено од човек кој нема ниту изразени, ниту скриени намери да направи ревизија на Охридскиот рамковен договор, а со тоа и на Уставот.

-Комисијата кога ќе расправа, треба да има предвид уште едно актуелно прашање кое што не е актуелно само денес, туку ќе биде актуелно и во следните година дена и во следните 10 години. Каква Република Македонија сакаме? Каква Македонија сака да види тој човек што сака да седи на челната позиција на Собранието? За граѓаните на Македонија и за стабилноста не е добро и не е продуктивно доколку од едно мултиетничко општество, насилно со надгласување, со оставање на мнозинството Македонци во опозиција се обиде да направи бинационала држава, посочи Милошоски.

Потенцира дека бинационалните држави имаат латентна нестабилност, а Македонија ја избегнала таа нестабилност во 2001 година.

 

 

 

27.03.2017 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега