Голем пожар во близина на воениот полигон Пенуш

Гори нискостеблеста шума во близина на воениот полигон Пенуш, меѓу штипските села Софилари и Драгоево.

Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ)-Штип, Благој Ренџов изјави дека станува збор за голема површина и за непристапен терен.

Според првичните проценки на месното население, станува збор за површина од над 50 хектари. Пожарот во ТППЕ-Штип е пријавен околу 11 часот.

- Во гаснењето на пожарот се ангажирани две противпожарни возила со 11 пожарникари, исто така ни помагаат и околу 90 припадници на АРМ и вработени на ЈП Македонски шуми, рече Ренџов.

Жителите на околните штипски села велат дека огнената стихија може да ја зафати и планината Серта. Сметаат дека силниот ветар не им оди во прилог на пожарникарите, војниците и вработените од ЈП Македонски шуми.

Штипските пожарникари секоја година се справуваат со огнени стихии на оваа локација, а досега се покажало дека несовесни сточари намерно ја палат вегетацијата, со цел да го напасуваат својот добиток.

Пред шест години на оваа локација пожарот се гаснеше три дена, а беа ангажирани и ер-тракторите. Тогаш изгореа над 500 хектари сува трева и нискостеблеста шума.

 

 

 

30.03.2017 - 16:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега