ДУИ без конечна одлука за оставките на нивните министри

 

Претседателот на ДУИ Али Ахмети по завршувањето на денешна седница на Централното претседателство на партијата во седиштето во Мала Речица посочи дека не донеле конечна одлука околу можноста нивните министри да поднесат оставка, со цел да се придонесе кон надминување на институционалната и политичката криза во земјата.

- Расправаме за деблокирање на оваа состојба со поднесување на оставки од министрите на ДУИ, но за ова постојат две толкувања. Можат да дадат оставки, но нема каде да ги поднесат. Но и да дадат оставки ќе мора да ги извршуваат функциите до избор на нова влада, рече Ахмети.

На седницата се дебатирало и за локалните избори, со чие пролонгирање, како што вели Ахмети, се продлабочува кризата.

- Сите знаеме дека кризата се продлабочува со пролонгирање на роковите за одржување на локалните избори, бидејќи мандатот на локалните самоуправи им истекува на средината на мај, а тоа е многу брзо и затоа овој проблем мора да се реши, а за тоа мора да имаме функционално Собрание, додаде лидерот на ДУИ.

Централното претстедателство на ДУИ денеска не донело никаква одлука за тоа дали нивните министри да поднесат оставки или не. - За тоа мора да се консултираме и со правни експерти. Ние како ДУИ не ја исклучуваме можноста да имаме лидерска средба со другите политички партии. Се отфрла можноста за нови предвремени парламентарни избори затоа што тоа нема да придонесе да се реши оваа институционална и политичка криза, изјави Ахмети.

Според извори во ДУИ за околу една недела Централното претседателство на партијата ќе одржи нов состанок на кој ќе биде разгледана актуелната состојба на политички план во земјата. 

 

 

 

31.03.2017 - 22:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега