ВМРО-ДПМНЕ промовираше Манифест за единствена Република Македонија

Поттикнати од силна желба да живееме во успешна земја со пазарна економија, заснована врз знаење, умеење, претприемништво, креативност и праведност, предлагаме национално обединување околу Манифестот за единствена Република Македонија, соопшти денеска на прес-конференција Антонио Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ преку Манифестот за единствена Република Македонија повик за национално обединување на сите граѓани, верски организации, партии, општествени чинители.

Прв принцип е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип владеење на правото за успех на државата и четврт принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин.

-За да не води кон визијата за нашата држава која претставува Единствена матична земја на Македонците, каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи. Им припаѓа подеднакво на сите свои граѓани без разлика на потекло, религија, мајчин јазик, а преку неа тие ќе се здружат со сите балкански народи во рамки на Обединета Европа. Ја одржува историската врска со македонската дијаспората како нераскинлив дел од нашата нација. Ја истакнува македонска традиција на соживот и сплотеност во различностите, што не е слабост, туку богатство кое вреди да се негува и кое не води напред. Помагањето и солидарноста за сите кои имаат потреба, било да се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци или други, е наша заедничка одлика. Тоа не прави луѓе, пред се. Дава исти права и бара исти обврски од сите, а успехот и среќата во животот зависат од способноста на секој човек поединечно, рече Милошоски.

Владеењето на Правото го смета за основен предуслов за успех на државата и поединецот во неа.

-Има отворена пазарна економија, каде се поттикнува секој – не да учи само за диплома, туку да стекне знаење, да развива способности, како и да иновира и превзема ризик, а со тоа и да успева да го реализира сопствениот сон. Колку повеќе граѓани со таков капацитет, толку поуспешна држава. Негува добрососедство и непроменливост на граници со сите околу нас, бидејќи истото е предуслов за мир и просперитет. Нагласува дека стабилноста на Република Македонија е предуслов за стабилноста на цел регион. Памети кому сме му помагале во тешки моменти. Гради иднина базирана на почитување на човековите права, вклучително и право на самоидентификација. Тие што го кршат ова право, не можат да ни го земат, рече Милошоски.

Тој нагласи дека тргнувајќи од оваа обединувачка замисла за државата, нивната мисија е да обезбедат  „иднина на нашиот народ во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава – Република Македонија, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко Европско семејство“.

За реализација на нивната мисија, нагласи Никола Попоски, ќе се водат од следните долгорочни принципи.

Обединување околу национален интерес

Национален дијалог

-Воспоставување на редовен дијалог меѓу секоја власт и опозиција за прашања од национален интерес. Дијалогот да се одвива и решенијата да се изнаоѓаат секогаш во рамки на институциите на Републиката, од страна на претставници кои се избрани од граѓаните. Истото е најефикасна заштита од надворешни влијанија или реализација на агенди кои не потекнуваат од заедничкиот интерес на македонските граѓани, рече Попоски.

Идентитет

-Зачувување и промоција на националниот, културниот и јазичниот идентитет на Македонците во земјата и надвор, како и обединет настап против недемократските притисоци со цел негирање на истиот, секаде каде што тоа е случај. Зачувување и промоција на идентитетот и посебностите подеднакво на сите наши граѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други. Разновидноста на сите овие култури е нашето најголемо богатство, кое сите треба да го негуваме.  Негување на изворното и на она што припаѓа на сите – нашиот јазик, обичаи, песни, историја, милениумската традиција на писменост и традициите на нашата книжевност и уметност, изјави Попоски.

ЕУ и НАТО

-Членството во ЕУ и НАТО е наш интерес и обединувачка цел, каде природно припаѓаме. Република Македонија ја гледаме духовно и културно сплотена во заедницата на Европски народи, како институционално, така и економски интегрирана во Европската Унија. Со цел да обезбеди поефикасна прекугранична соработка во соседството, корисно е формирање на европски регион помеѓу Република Македонија и соседните земји за подобро користење на ЕУ фондови, особено во делот на зачувување на природата, водите и транспортните коридори, рече Попоски.

Право наспроти сила

-Признавање на македонската национална самосвест и јазична посебност од европските и меѓународните институции, врз база на гаранциите од Европската конвенција за човекови права и Универзалната декларација за човекови права кои мора неселективно да важат за сите. Истото е предуслов за надминување на наметнатата разлика околу името. Разликата се наведува како причина за блокада на патот кон членство во ЕУ и НАТО. Оттука, може да се надмине единствено  како дел од пристапниот процес, врз база на стекнатото право на Унијата и меѓународното право, вклучително и пресудата на Меѓународниот Суд на Правда во 2011 година, изјави Попоски.

За името

-Нема да се прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име Република Македонија. Нема да прифатиме идеи и предлози што би го загрозиле македонскиот национален идентитет, засебноста на македонската нација и македонскиот јазик. Нема да дозволиме кое било решение да биде прифатено од страна на политичари и поединци, Влада или Собрание, без претходно за тоа да се изјаснат македонските граѓани на референдум, а притоа мнозинството граѓани кои ќе излезат на рефендумот да се согласат со можното решение, изјави Попоски.

Заедно против заканите

-Обединување против секоја политичка структура или поединци кои поттикнуваат раздор или радикализам од верска или национална природа, но и против тие кои охрабруваат на било кој начин екстремна идеологија или пак регрутираат борци во терористички организации, било да се од домашно потекло или да се странци на териотријата на Македонија, рече Попоски.

Интеграција во едно општество

-Република Македонија им припаѓа на сите свои граѓани, без разлика на етничко потекло, религија или мајчин јазик. Граѓаните се срцето на нашиот Устав. Индивидуалните права и слободи на граѓанинот согласно  Уставот се нашата обединувачка сила. Обединувањето преку нација, вера и култура е формула за Европска интеграција, каде секој може лично да развива сопствени чувства. Тоа е и формулата која остава простор за јакнење на поврзувачкиот фактор во општеството, изјави Попоски.

Јазици

-Македонскиот јазик е тој што овозможува интеграција на сите граѓани во едно општество без разлика на нивното потекло.   Наша должност и богатство е негување и промоција на албанскиот, турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот, бошњачкиот јазик согласно Уставот и европските стандарди, а во духот на мултикултурната традиција на нашата земја. Почитувањето на правата и обврските за сите културни заедници подеднакво е најдобра гаранција за спречување на дискриминација и негување на посебностите. Иницирање на дијалог со соседите со цел воспоставување на соодветни стандарди за јазични права во рамки на регионот, а во согласност со европските стандарди. Со таков пристап би се одбегнале двојни стандарди и мешање во внатрешните работи на соседи, за сметка на добрососедството. Политиката за користење на немнозинските јазици треба да биде отворена кон сите, а секогаш во функција на развивање на едно општество каде способноста на поединецот е клуч за успех, без разлика на потеклото, рече Попоски.

Самоидентификување

-Македонскиот народ не може да биде надгласуван во однос на македонскиот идентитет. Ниедна заедница не треба да биде надгласувана за теми кои го засегаат нејзиното право на самоидентификување, изјави Попоски.

Образование

-Заштита на правото на образование на децата на мајчин јазик, без разлика на етничката самоидентификација на родителите е клучна за развојот на Единствена Македонија. Училиштето или богослужењето не смее да бидат алатка за наметнување на култура, јазик или доминација, туку уште едно средство за  сплотување и интегрирање, рече Попоски.

Религија

-Верската толеранција е суштествена за животот во мултикултурна Македонија. Нашите цркви, нашите џамии и нашите синагоги се нашите духовни храмови. Верските заедници во Макeдонија се неотуѓив дел од македонскиот менталитет и македонското општество. Солидарноста и подготвеноста да му се помогне на сиромавиот се во духот и на христијанството и на исламот и на јудаизмот, рече Попоски.

Традиција

-Историското помнење овозможува ренесанса на традицијата. Потребно е да се оживеат старите традиционални вредности. Семејството и солидарноста ги сметаме за темел на културата што ги слави животот и вистинските вредности. Тоа подразбира и култура на напорна работа,  деловна чесност, претприемништво и мултикултурен соживот како вредности кои не обединуваат. Секој граѓанин има лична одговорност кон Единството во Република Македонија. Носителите на јавни функции имаат посебна одговорност за поврзување помеѓу сите граѓани со различно потекло и градење на мостови во општеството, заклучи Попоски.

Владеење на правото за успех на државата

-Почитувањето на Уставното уредување и законите на целата територија, без селективност е предуслов за успешна држава. Културата на законитост и на почитување на законите, доверба во правниот поредок и лојалност кон државата се клучни за владеење на правото, рече Илија Димовски.

Согласно Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Тој нагласи дека граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници, по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување. Индивидуалните права на граѓанинот, но и обврските, се пред се, а од нив се водиме кога креираме политики.

-Сите избрани и именувани функционери имаат обврска за отчетност при извршување на државните задачи. За напредок на државата е потребна долгорочна политичка стабилност. Тоа може да се постигне преку мерки за поголема политчка стабилност како бонус од 20 пратеници за победникот на парламентарни избори, во рамките на сегашниот број на пратеници и согласно Уставот или пак со воведување на мнозински изборен модел. Принципите од Уставот за заштита на правата на немнозинските заедници на централно ниво доследно да се применува во сите единици на локалната самоуправа и за сите заедници без исклучок, но и без разлика какво е мнозинството на локално ниво, рече Димовски.

Тој рече дека попис да се спроведе без одлагање со цел квалитетно планирање на политиките како и за конструктувен дијалог на меѓуетнички теми.

-Истиот мора да е статистичка, а не политичка операција. Затоа е потребно да се води строго според методологијата на европската статистичка агенција “Еуростат” и  Организацијата на Обединетите Нации, вклучително да има и механизам за контрола на постојано место на живеење и престој во државата, како и гаранции за автентичност на лични податоци и потврда на идентитет на лицата преку дигитализација на отпечатоците, рече Димовски.

Воведување на механизами за  следење на владеењето на правото на локално ниво, вклучително наплатата на локални давачки и практична примена на законодавството, согласно најдобрите европски практики, како и воведување мерки за унапредување на примената на целата територија на Републиката.

-Територијална поделба водена од економско-географски критериуми со цел надминување на недоследностите од политичкото определување на локалните граници, рече Димовски.

Пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин

-Неопходно е национално обединување околу целите за подобра економија, повисок раст, повеќе инвестиции, поуспешни претприемачи, новоотворени работни места за нашите граѓани, затоа што тоа е навистина најпотребно. Докажавме дека тоа е возможно со видно подобрување на рангот на државата на повеќе листи за квлитет на климата за водење бизнис, како и преку создавањето на над 160.000 нови работни места. Неопходно е да се опстои на тој курс, што е доплнителена причина за постигнување национално (надпартиско) обединување околу овој единствен интерес за сите наши граѓани, рече Димовски.

Обединување околу реализирање на идеата за Пазар на кој секоја индивидуа, нагласи Димовски, ќе може да си го најде сопственото место, начин на обезбедување на егзистенција, простор за борба за подобро утре, за посреќно семејство.

-Моќта на развиените држави во светот почива на создадената култура, атмосфера, верување дека секој треба да смисли начин како да успее во животот и да не чека друг да го направи тоа за него. Тоа значи дека секој треба да почне да верува дека може да успее ако има добра идеја, упорност, истрајност и подготвеност за ризик. Затоа претпиемничкиот дух треба да биде водилка во обезбедувањето на сопствен приход. Тоа е тесно поврзано со остварување на сечиј сон, рече Димовски.

Знаењето и образованието не се доволни сами по себе ако само се повторува тоа што сме слушнале или прочитале, без системски поттик на секој поединец до максимум да ја извлече и развие својата креативност и иновативност и да се насочи кон создаање на сопствен бизнис.

-Само општество со граѓани со креативни и иновативни идеи може да продуцира нови успешни бизнис приказни, да креира зголемено ниво на конкурентност на пазарот и борба за пласман на производи и услуги надвор од границите на државата, рече Димовски.

Затоа, нагласи тој, главни елементи на планот на економијата треба да бидат пазарното стопанство, конкуренцијата, натпреварот, можноста за избор, личната одговорност. Пазарот е тој што ги развива натпреварувачкиот и духот на претприемништво и ги поставува критериумите на стручност, успешност и на квалитет. Со тоа, сите заедно да се избориме за поголеми плати, повисок стандард.

-Најдобрата социјална политика е политиката која отвара нови работни места и генерира економски раст. Државата води сметка да се намалат нееднаквостите кои може да ги создаде пазарот. Но, праведноста и солидарноста не е исклучиво право во нејзина надлежност. Државата не може да ја замени нити приватната, нити граѓанската и локалната иницијатива. Во сета пазарна логика која ја надградуваме, мора да ја зачуваме традицијата за солидарност и помош на најранливите во нашето општество, закличи Димовски.

Ова се долгогорочните принципи за кои ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага. За краткорочните цели е Патоказот за излез од тековната политичка криза. ВМРО-ДПМНЕ смета дека Манифестот е отворен документ кој нуди решенија за клучните стратешки прашања во државата за долгорочен и среднорочен план. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за дебата и се очекува и СДСМ и останатите општествени чинители да го прифатат и да излезат со свој став.

 

 

 

02.04.2017 - 13:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега