Во Собранието продолжува конститутивната седница

Во Собранието на Република Македонија денеска продолжи конститутивната седница на која треба да се дебатира за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Како и на претходните шест продолженија на седницата, беа изнесени реплики, контрареплики и процедурални забелешки од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повторно побараа СДСМ да се изјасни дали ја прифатиле т.н тиранска платформа. Нивните излагања пратениците од СДСМ ги оценија  како дефокусирање од точката на дневниот ред и блокирање на активностите во Собранието.  Го повторија барањето да биде ставен на гласање нивниот предлог Собранието да работи по 18 часот во интерес на заокружување на точката од дневниот ред.

- Сите дилеми ќе се решат ако претседателот на СДСМ Зоран Заев излезе пред Собранието да каже дали постои и дали ја прифаќа Тиранската платформа, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски.

Неговата сопартијка Слаѓана Митовска  истакна дека ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против барањата на Албанците, но оти е против прифаќање на платформата од страна на СДСМ. Албанските политички партии имаат легитимно право да бараат работи кои се однесуваат на нивната заедница, но ние политичарите во прв план треба да ги ставиме националните интереси пред партиските, рече Митовска и побара Заев да застане зад манифестот на ВМРО-ДПМНЕ со што ќе ги ставел личните  и партиски интереси зад националните.

Фросина Ташевска Ременски од СДСМ и во реплика и во процедурална реакција потенцира дека на седницата се зборува за се освен за точката на дневен ред. - Свесно се кршат сите одредби од собранискиот Деловник и Уставот, со што се продолжува изборната пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ, наведе Ременски и побара наредните дискусии да не се дефокусираат со теми кои не се на дневен ред.

Според пратеникот Влатко Ѓорчев, СДСМ се последните кои треба да реагираат на процедуралните забалешки. Над 90 од вкупно 184 процедурални забалешки минатата недела, наведе, биле од пратениците на СДСМ.

- Процедуралните забалешки се предвидени надвор од она што  се нарекува политичка дискусија. Ние сакаме да има политичка дискусија затоа што ова е и политичко и претставничко тело. Од тие причини ќе продолжиме со нашите  процедурални забалешки, со дебатата затоа што граѓаните гласале за дебата и Парламент, рече Ѓорчев.

Дамјан Манчевски и Максим Димитриевски од СДСМ, пак, упатија критики до претседавачот со седницата Трајко Вељаноски за начинот на кој  претседава со седницата.

- Ако не се плашите од дебата ајде да дебатираме и по 18 часот, рече Манчевски, оценувајќи дека претседавачот не става ништо на гласање затоа што ВМРО-ДПМНЕ се плашеле дека нема да биде усвоено ништо.

Вељаноски од своја страна неколкупати ја повтори точката на дневен ред и побара пратениците да се воздржат од постојани процдурални забелешки и реплики.

Во Собранието е во тек кратка пауза поради големиот број процедурални забелешки, по што треба да продолжи седницата.

Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината, бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом. На дневен ред на седницата е и изборот на претседател на Собранието на Република Македонија.

 

 

 

04.04.2017 - 12:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега