ПОМИНАА 148.000 КМ НА МОТОР: По 55 посетени земји, ќе продолжат да истражуваат нови дестинации

Тргнаа од Македонија и се вратија во Македонија. Пред неколку дена Ивана Чолаковска од Скопје заедно со нејзиниот партнер Мануел Торрес од Севиља, Шпанија го заврши патувањето со мотор по светот кое започна во 2013 година. Во текот на ова незаборавно патување, тие посетиле 6 континенти, 55 земји и поминале 148.000 км на мотор. 

Чолаковска за Фактор раскажува како почнала и завршила оваа нивна несекојдневна авантура. 
„Араунд Гаја, или ова патување околу светот со мотор започна на 17 април 2013 година, кога јас и Ману (мојот партнер од Шпанија) се поздравивме само со нашите фамилии, и сами, без никаква придружба се впуштивме во една голема авантура. После точно 4 години, каде поминавме 6 континенти, 55 земји и 148.000 км на мотор се вративме на првата завршна точка, Македонија, на 1 април 2017 година, каде што нè пречекаа, имавме еден неверојатно возбудлив и прекрасен дочек. На граничниот премин Богородица нè пречекаа 70 мотори кои беа организирани од мото клубот Вепар во соработка со сите останати клубови ширум цела земја. Тргнавме да возиме сите заедно накај Скопје и покрај патот се приклучуваа уште многу мотори за на крај на влезот на Скопје да бидат вкупно 220. На плоштадот имаше музика и многу пријатели коишто нè следеле за време на целото патување и фамилијата. За нас беше еден ден кој што ќе го паметиме“ - раскажува Чолаковска. 

Судан, Етиопија, Кенија, Уганда, Танзанија, Замбија, САД се само мал дел од земјите кои се најдоа на нивната патувачка листа и кои се забележани низ фотографии. За својот подвиг Ивана и Ману постојано добиваат пофалби од луѓето на социјалните мрежи. Оваа двојка патувала со мотор, а за да се префрлат од континент на континент патувањето го продолжувале тие со авион, а моторот го транспортирале со помош на брод, што било мала потешкотија во текот на ова несекојдневно и возбудливо патување. 
„Патувањето беше започнато со еден мотор и целта ни беше да го завршиме со истиот . Постојано патувавме само со мотор, но кога требаше да се префрлиме од континент на континент преку океан, моторот го стававме во брод да патува, а ние со авион. Такви ситуации имавме неколку, од Австралија до Јужна Америка, од Њујорк до Јужна Африка и од Египет до Грција. Тоа и всушност претставуваше еден од најпроблематичните моменти за нас, и беше скапо“ - додава Чолаковска. 

Таа додава дека биле на пат 1450 дена, што значи дека биле во повеќе од 1450 различни градови и села. Патувањето било исполнето со запознавање на многу луѓе, традиции, култури, начин на живот во различни земји. Тие од Македонија, за две недели продолжуваат со патувањето и одат се до Шпанија каде што ги чекаат пријателите и фамилијата на Ману, и потоа ќе продолжат со пат околу Европа. Патувањето Ароунд Гаја не завршува, објаснува Чолаковска. Тие имаат многу нови идеи и планови, коишто во блиска иднина ќе започнат да ги остваруваат. Читателите можат да ги следат на Фејсбук,  AROUND GAIA и на инстаграм: aroundgaia_travel 
 

 

 

06.04.2017 - 10:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега