За ВМРО-ДПМНЕ предвремени избори се клуч за излез од криза - седницата продолжува во вторник

Во попладневниот дел од 12-тото продолжение на конститутивната седница на Собранието, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во своите реплики и контрареплики бараа СДСМ да се откаже од платформата од Тирана и дека тоа е клучот за излез од политичката криза или да се распишат предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

Од СДСМ повторно го прозваа претседавачот Трајко Вељаноски дека не го почитува Деловникот затоа што им дозволува на репликантите да зборуваат на теми кои не се во допир со точката на дневниот ред - за изборот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Во процедуралната забелешка Александар Кирацовски рече дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ „шират небулози“ и дека Вељаноски е должен да ги прекине и да го стави на гласање предлогот на Оливер Спасовски со поддршка од 61 пратеник -  да се премине на новата точка - избор на претседател на Собранието. Додаде дека има побитни и поитни работи за кои ќе треба да се дебатира, дека скоро доаѓа ребаланс на буџетот, а во прашање се и локалните избори. 

- Повикувам сериозно да размислите и на предлогот да гледаме како на можност да се стави во мирување оваа небулозна дискуија, да одиме на поважните точки, да избереме претседател на Собранието и се останато што следува, па ќе се вратиме повторно на оваа ваша дискусија, рече Кирацовски.

Неговиот сопартиец Дамјан Манчевски рече дека мора да се разговара за последиците. -  Неможноста да се распишат локалните избори доведува во сериозни проблеми за граѓаните. Тие губат, градоначалниците нема да можат да потпишуваат ништо. Ќе нема плати за наставниците, ќе нема превоз за децата..., рече Манчевски. 

Илија Димовски од ВМРО ДОМНЕ му репилицираше со прашање - од кога СДСМ се грижи за граѓаните кога две години и 11 месеци не доаѓале во Собрание за да гласаат за закони за граѓаните.

-  Нудиме решение – денеска да го распуштиме Собранието, за 45 дена ќе имаме парламентарни и локални избори. Не сфаќам, од една страна се фалите по телевизии дека сами ќе имате 70 пратеници ако има избори, од друга страна бегате од избори. Имајте 70 пратеници, па нема да зависите ни од ДУИ, ни од БЕСА..., рече Димовски.  

Петре Шилегов рече дека ВМРО ДПМНЕ свесно ги кочи демократските процеси во Република Македонија. - Избори не можеме да имаме во услови на урнисан уставен систем на Република Македонија и со узурпација на Уставот со земање повеќе право од она што му е дадено на Ѓорге Иванов, рече Шилегов, додавајќи дека со недозволувањето претседателот да го даде мандатот  веќе трета недела македонската јавност и државата ја држат во, како што рече,  ситуација ни риба ни девојка. 

- На избори да ја тестираме платформата ваша и програмата наша, рече пратеникот Димитар Стевананџија, според кого лидерот на СДСМ Зоран Заев го напуштаат негови членови од општински организации и се придружуваат на иницијативата „За заедничка Македонија“, а дека и кај многу гласачи на СДСМ е разнишана довербата зашто, како што рече, биле прелажани со постизборна измама.

На неговото прашање  зошто коалициските партнери на СДСМ не се произнесуваат во однос на платформата, реплика имаше Маја Морачанин од ДОМ која рече дека ставот на нивната партија е дека платформата е употребена за дефиокусирање од суштински теми и во функција на отежнување на процесот на избор на новата влада. Таа повика да претстане блокирањето на Собранието и да се овозможи избор на претседател на Собрание и на Влада. 

Претседавачот на конститутивната седница Трајко Вељаноски во 18 часот ја прекина расправата и 13-тото продолжение го закажа за  вторник, 18 април. 

 

 

 

12.04.2017 - 18:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега