Љубовен одговор на човечкото зло

„А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх. Но Исус му рече на Петар: ‘Стави го ножот во ножницата. Зарем да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?’” (Јован 18, 10–11). „Тогаш Исус му рече: ‘Врати го ножот на местото негово; зашто сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат; или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели? Но, како ќе се исполнат Писмата ако ова не стане?’” (Матеј 26, 52–54). „Па, кога се допре до увото негово, го излекува“ (види: Лука 22, 50–51).

Во овие евангелски исечоци Богочовекот Христос ни сведочи дека ние, христијаните,  сме должни сѐ да претрпиме, само и само да се исполни волјата Божја, а не нашата, дека Царството Негово и наше не е од овој свет, и дека на злото од страна на непријателот треба да вратиме со љубов. Ако ли не – секој што се фаќа за оружје, од оружје и ќе загине; и душевно.

Идејата за ширење на христијанството се заснова токму на заповедта Христова за љубов и кон непријателите, во невраќањето на злото со зло, туку со добро и со љубов; токму со мачеништвото (во крв или на совеста), односно со сведоштвото на Христовата љубов во овој свет. Немаме историско сведоштво за враќање на злото со зло во првите три века на Црквата Божја; напротив, мачениците, односно сведоците Христови, со љубов им враќале на своите мачители. Верата се ширела на тој начин што гледајќи ги големите Божји чуда, при мачењето на мачениците, какви што се: дисфункционалноста на природните закони, исцеленијата, ангелските гласови, појави и интервенции, пројавувањето на Божествената светлина и други, луѓето се преобраќале во христијани. Колку поголеми и пострашни прогони измислувал демонот преку своите слуги – луѓето на власт, толку повеќе се ширело христијанството.

За да се оствари оваа заповед неопходно е христијаните да не се врзуваат и поистоветуваат, на никаков начин, за овој свет: ни преку самољубието, ни преку семејството, ни преку народот, или подоцна на државата и нацијата на која ѝ припаѓаат, ни преку која било форма на овосветско, човечко организирање поради која би биле принудени да земат меч во рака и да вратат на злото со зло. Едно е поистоветување, а сосема друго пастирски пристап.

Запомнете сите: Светиња со меч не се брани! Без оглед на тоа кој така направил, кој така рекол, кој тоа теолошки го брани, кој тоа го пренесува и кој тоа го застапува – ако сакате да сте барем православни христијани. Зарем Богочовекот Христос не е нашата најголема Светиња? Зарем нема да ја послушаме Неговата заповед и зарем нема да го следиме Неговиот пример?

Но, како дошло до искривување на верата во пракса? Демонот видел дека преку отворен и груб прогон само допринесува кон ширење на христијанската вера (иако низ историјата ја повторувал истата грешка) и смислил нов суптилен начин на прогон за уништување на Божјата Црква, и им овозможил и понудил на христијаните најразлични начини или шеми на поврзување и поистоветување со овој свет – од лични гревовни до општествени. Во овој момент, поинтересни и понеопходни за објаснување се општествените.

Демонот, на христијаните, низ историјата, суптилно им понудил пад преку три главни  искушенија: првото, нивното поистоветување со државата; второто, нивното поистоветување со народот на кој му припаѓаат; и третото, нивното поистоветување со партијата.

Да ги разгледаме најпрво последиците од тие поистоветувања на општествено-политички план.

Прво, додека во времето на прогонот на Црквата од страна на државата не гледаме отпор од страна на мачениците-христијани за да се заштитат себе и своите семејства (иако истовремено се убивани и над дваесет илјади луѓе), во времето на признавањето на Црквата од страна на државата одеднаш гледаме како номиналните христијани земаат меч во рака и убиваат со оправдание дека ги бранат христијанската држава и црква, себеси и своите семејства од иноверните. Секој непросветлен ум ќе го оправда гореспомнатото однесување и ретко кој тука ќе забележи нешто лошо. Но, да видиме како злото се развива понатаму.

Второ, кога номиналните верници ќе се поистоветат со „нацијата“, одеднаш гледаме како православни браќа христијани (Срби, Бугари, Грци, Македонци итн.) почнуваат да се убиваат меѓу себе, и тоа со благослов на највисоките црковни власти. Зарем ова не е чудно за некој со и најмалку нормален разум?

И трето, најголем апсурд е кога номиналниот христијанин се поистоветува со партијата, и одеднаш, на пример, православен Македонец мрази и убива православен Македонец. Тука злото е толку очигледно дури и за атеистите, и нема што да се коментира.

Да го разгледаме истиов дух на однесување и на црковно-историски план. Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат со државата, гледаме како Црквата, поделена на пет патријаршии во една држава, и често под нејзина контрола, покажува голема трпеливост дури и кон еретиците – грижејќи се како да го зачува своето единство (а преку неа и државата своето), толерирајќи многу еретички заедници и дури борејќи се да ја одржи евхаристиската заедница со нив. На пример, свети Мелетиј, човек со аријанско крштение и аријанска хиротонија, станува претседател на Вториот вселенски собор.

Во времето кога номиналните христијани ќе се поистоветат и со „нацијата“, одеднаш гледаме дека (исто како и во меѓусебните убивања од тоа време) нема ни трага од толерирање на „другите“ − тие што сакаат да си прогласат таканаречена национална црква веднаш се прогласувани за расколници и еретици, и веднаш се анатемисани – од истите такви кои свои  национални цркви си прогласиле претходно. Историјата ни е добро позната; на наш грб. Значи, злото си расте сосем очигледно, а тоа се одразува и внатрешно, во меѓусебните поделби во една и иста национална црква, и во нејзините празни храмови.

Како овие падови или поистоветувања се одразуваат на личен психолошки план? При падот на првото искушение, т.н. номинални христијани се наоѓаат во стадиум на религиозна невроза − не ги контролираат своите мисли, чувства, зборови и постапки, и во таква состојба лесно го фаќаат оружјето во рака, односно враќаат на злото со зло. По падот во второто искушение, веќе се работи за религиозно растројство на личноста (т.н. психопати или социопати), кога гледаме како браќа по вера меѓу себе бесчувствително сакаат и физички, и духовно да се елиминираат. Е, сега, ако некој од нив, а посебно оние што се на власт (пред сѐ, црковна), тоа намерно и свесно го прават, со свесна определба за злото, тогаш се работи за најопасен степен на психоза – демонопседнатост. Падот во третото искушение е чисто зло.

Монасите се едни од ретките верни кои го зачувале маченичкиот етос во Црквата, а кои се појавиле веднаш по престанувањето на нејзиниот прогон. Никаде не се чуло и видело вистински монах да земе оружје во рака (освен мечот на вистината) за да го одбрани својот ближен од лагата и од таткото на лагата. Монасите со љубов ги дочекувале непријателите на верата во своите манастири и најчесто биле како јагниња колени. Тие многу добро сфатиле дека љубовта не се состои во тоа да ја положиме душата на непријателот заради својот ближен, туку во тоа што Богочовекот Христос го вели: „Нема поголема љубов од таа да си ја положиш душата своја за ближниот свој“ (види: Јован 15, 13), односно дека нема поголема љубов од тоа, преку сведоштво на Христовата љубов до мачеништво за Него, да го положиш и животот свој за спасение на сите оние кои и отпосле ќе се освестат и кои ќе посакаат да се спасат.

Христовото Воскресение, во суштина, е љубовен одговор на човечкото зло, исто такво е и нашето вистинско учество во Неговото Воскресение. И никакво поинакво. За сите, пак, оние кои себе се нарекуваат христијани и се причестуваат со Светите Тајни, а не постапуваат согласно нивното име, се однесува Христовото прашање кон Јуда: „Со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“ (види: Лука 22, 48).

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Пишува: Митрополит Струмички Наум

Религија.мк

 

 

 

13.04.2017 - 10:56

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега