Билд: Решението е во Уставот

Копретседавачот на Европскиот совет за надворешни односи и поранешен премиер и шеф на дипломатијата на Шведска Карл Билд по денешната средба со претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави дека клучот за решение на секој проблем е во Уставот, којшто постои во секоја демократска земја и треба да се  почитува.

-  Имате Устав, имаше избори. Устав кој е усогласен со оној на ЕУ, а тоа понекогаш може да претставува проблем, тоа ни е познато, изјави  Билд.

За сè, потенцира, има решение и без разлика дали станува збор  за Македонија, Грција, Шведска, клучот за решение на проблемот е секогаш во Уставот. Македонија е предводена од Македонци, но Македонија сака да биде членка на ЕУ, односно да ги продолжи преговорите и јас лично ја поддржувам во тој процес ос години. Тука е секако проблемот со името, но и други проблеми кои треба да се решат. Постојат демократски стандарди кои треба да се почитуваат, ако сакате да бидете дел од ЕУ, изјави Билд.

Тој рече дека за него било клучно да се сретне со претставниците на политичките партии и оти не му се познати ставовите на претседателот Ѓорге Иванов со кој, како што рече, бил свесен дека нема да се сретне.

Според соопштението од СДСМ, Заев и Билд на средбата констатирале дека демократските процеси се неопходни за напредокот на Македонија и оти мора да се овозможат низ почитување на Уставот и законите од страна на сите политички субјекти и институции во државата.  

- Парламентарното мнозинство ја презема обврската да го деблокира демократскиот процес во Парламентот согласно Деловникот, Уставот и законите. Ќе биде брзо избран новиот  претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. Тоа е одлука на мнозинството граѓани, изразена на кредибилни избори и сите институции во државата се должни да обезбедат мирен трансфер на власта, рекол Заев на средбата, соопшти СДСМ.

Претседателот на СДСМ, се вели во соопштението, објасни дека е формирано парламентарното мнозинство од 67 пратеници и оти е во најава поддршка на новата влада од 69 пратеници.

- На средбата се разговараше и за недозволивите притисоци што ги прави власта во заминување врз невладнините организации, за опасноста од блокада на целиот систем на државата ако не се избере нов собраниски претседател кој треба да ги закаже локалните избори, како и за последиците што ги трпат граѓаните и фирмите на економски план, стои во соопштението.

Копретседавач со Европскиот совет за надворешни работи, невладина организација која се занимава со политички анализи,  ќе оствари средби и со претставници на ДУИ, БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ.

 

 

 

18.04.2017 - 15:35

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега