ДУИ: Груевски и Заев одржаа неколку лидерски средби

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети тврди дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев на тет- а-тет средби бараат излез од институционалната криза. Од ДУИ информираат дека веќе имало неколку директни средби меѓу двајцата лидери на кои на маса биле можните опции за излез од ситуацијата, пишува Дневник.

Наспроти информациите од интегративците и од двете партии демантираат дека нивните лидери, Груевски и Заев имале средби во изминатиов период.

 - Имаме информации дека во континуитет двајцата лидери на македонските партии имаат контакти. И затоа отворено велиме, не зад сцена, дека има момент на решавање на проблемот. До пред извесно време бевме уверени дека можеби и на СДСМ му одговара оваа ситуација. СДСМ не беше подготвен да оди на локални избори. Ние не сме набљудувачи во политиката, ДУИ е креатор на политиката во Македонија и ние намирисуваме сe што се случува околу - вели пратеникот на ДУИ, Реџаил Исмаили за телевизија на албански јазик.

Тој како важен детаљ и поткрепа на тврдењето дека има средби меѓу Груевски и Заев наведува дека ДУИ во минатата среда побарале координација кај претседавачот на седницата, Трајко Вељановски, координаторите на парламентарните групи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ да се сретнат и по Велигден да најдат решение за проблемот.

 -Тие не се сретнале, бидејќи како што изгледа тоа не им одговарало. Повторувам имаме информации дека сепак Зоран Заев и Никола Груевски имаат директни средби - вели Исмаили.

Тој додава дека средбите меѓу Груевски и Заев повеќе ги гледаат во насока на придонес кон решение отколку како сомнеж дека се прави нешто зад грбот на лидерите на партиите на Албанците.

 - Сега е јасно дека пропадна целиот систем, дека ништо не функционира. Kонтактите и средбите меѓу двајцата лидери повеќе ги гледаме како процес за надминување на кризата. Додека на СДСМ му одговараше, беа во таква ситуација како што беше, но бидејќи сега нема рокови за локалните избори изгледа ќе се забрза процесот на конституирање на парламентот - констатира Исмаили.

Од ДУИ брифираат дека последната изјава на лидерот на ДУИ дека решението за излез од кризата е кај македонските партии е потврда дека Ахмети знае за средбите и контактите меѓу Заев и Груевски и ги охрабрува во насока што поскоро да најдат решение за институционалната блокада.

-Kога Ахмети при последната изјава рече дека ДУИ го изоде својот дел од патот за формирање ново парламентарно мнозинство и новата влада и сега е време да рефлектираат двете поголеми македонски партии го имаше предвид и фактот дека Заев и Груевски имаат средби и дека треба што побрзо да се изнајде решение да се формира новата влада. Изјавата на Ахмети е заснована токму на фактот дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ веќе разговараат - вели за „Дневник“ висок функционер на ДУИ.

 Од партијата на Ахмети велат дека според нивни информации веќе неколку дена се одржуваат лидерски средби помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и оти ДУИ тоа го охрабрува.

-Се надеваме дека ќе има плод од овие разговори за кои ние имаме информации дека се одржуваат и дека наскоро ќе се одблокира Собранието и ќе се избере новата влада - велат од ДУИ.

Од СДСМ негираат дека имало средби меѓу Заев и Груевски.

 - Не е точно. Средби има меѓу Оливер Спасовски и Илија Димовски речиси секој ден на координација во Собранието. Но, од таквите средби и разговори нема никаков резултат - вели висок функционер на СДСМ.

 

И од ВМРО-ДПМНЕ демантираат дека имало контакти и средби меѓу Груевски и Заев.

 

 

 

21.04.2017 - 11:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега