БЕСА го осудува насилството во Собранието
Движењето БЕСА го осуди синоќешното насилство во Собранието и упати повик до граѓаните да не подлегнуваат на провокации.
- По денешниот напад над Собранието на Република Македонија, кога пратениците од парламентарното мнозинство ја реализираа својата законска должност за избор на претседател на Собранието, Движењето БЕСА ги осудува најостро овие инциденти и констатира дека со тоа што Министерството за внатрешни работи им дозволи на хулиганите на ВМРО-ДПМНЕ да ја нападнат највисоката законодавна институција е знак дека Македонија веќе не доликува на демократска држава и тука никој веќе не е сигурен за својот живот. Притоа ги повикуваме државните органи кои се надлежни за обезбедување на јавниот ред и мир да застанат во одбрана на државните институции и на безбедноста на граѓаните, се вели во соопштението од БЕСА.
Движењето БЕСА, се додава во соопштението, го осудува насилството и ги повикува сите граѓани на земјава, особено Албанците, да бидат внимателни, да не излегуваат во јавни плоштади и во фреквентни улици во Скопје и да не бидат жртви на разните провокации, кои се прават со сега познато сценарио. Убедени дека насилството не е начин за решавање на несогласувањата, ги повикуваме сите страни да бидат разумни, бидејќи една мала грешка денес може да ни чини скапо утре, соопшти БЕСА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа