ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО ги осудија инцидентите во Собранието
Шефовите на Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на САД, Мисијата на ОБСЕ и Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, во заедничка изјава најостро ги осудија нередите и насилствата во Собранието на Република Македонија. Нивната порака до граѓаните е да бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени.
- Го осудуваме во најстрога смисла организираниот напад врз Парламентот кој се случи на 27 април. Изразуваме сериозна загриженост поради тоа што властите не успеаја да го спречат и не ја овозможија неопходната безбедност на членовите на Парламентот и присутните новинари. Нападот на државна институција која е во срцето на демократијата е напад на самата демократија. Очекуваме дека за овие кривични дела брзо ќе биде спроведена истрага, организаторите и извршителите на нападите ќе бидат изведени пред правдата и дека судовите ќе постапуваат независно. Исто така очекуваме дека државните институции брзо ќе ги извлечат неопходните заклучоци и ќе преземат соодветни мерки, стои во заедничката изјава.
Тие ги повикуваат, како што се наведува, сите субјекти да се однесуваат одговорно и да придонесат кон мирен, демократски процес на кој мора да му се дозволи да оди по својот тек. Исто така ги повикуваат сите граѓани да бидат воздржани, да избегнуваат провокации и да останат смирени.
- Со насилство земјата и општеството не може да одат напред, посочуваат амбасадорите на ЕУ, САД, ОБСЕ и НАТО во Скопје.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа