Не удирајте по грбот на народот

Откако пукаа во Собранието на Македонија и на народот му вперија пиштол, Зоран Заев и СДС удрија по народот, удрија силно и со сите средства. Народот мора да биде казнет, за да се спасат тие како најголеми виновници.

Бараат преземање ригорозни казнени мерки против чесниот и трпелив народ, кој ја бранеше државата, против организаторите за „Заедничка Македонија“, прекрасни луѓе со високо интелектуално и културно ниво, кои со ритамот на срцето беа со народот цели 60 дена.

Стотици илјади граѓани во сите градови во Македонија излегоа на улиците мирно и достоинствено да стават до знаење дека не прифаќаат никаква тиранска платформа со која се руши уставниот поредок на државата и бараат отфрлање на таа постизборна платформа и нови избори.

Денес, во ова зовриена состојба, сакам да повикам да се постапи со разум и да порачам: Немојте да го мачите народот. Тој не е виновен за ништо. Многу се лаже секој што мисли дека народот така лесно ќе го скрши. Народот и натаму ќе остане единствен на браникот на државата и нема да потклекне под никакви притисоци.

Особено апелирам до јавните обвинители да не потпаднат под влијание и да не потклекнат под огромните притисоци на провокаторите и сценаристите што ја изведоа оваа лакрдија за избор на претседател и на притисоците од странство.

Обидите евроамбасадорот Семуел Жбогар да прими преставници на граѓаните што беа на улиците останаа безуспешни. Двапати десетина илјади граѓани беа и пред неговите работни простории. Ништо од тоа не вроди со плод. Но, не му пречеше да остварува средби за избор на претседател, спротивно на Уставот и Деловникот на Собранието.

Прекршени Законот за Собранието и Деловникот

Изборот на претседател на Собранието е свечен чин. И кога индијанските племиња во Америка избирале племенски поглавар, изборот бил достоинствен и свечен, на поглаварот на племето му ги давале свечените обележја, се изведувале ритуални обреди, а народот играл и пеел.

На 27 април во 18.20 часот. во Собранието на РМ, Зоран Заев и неговата постизборна коалиција ја деградираа и ја окрвавија функцијата претседател на Собранието. Ги згазија Уставот, Законот за Собранието и Деловникот за работа.

Собрани во едно купче, по прекинување на работата на седницата во 18 часот, без да се закаже нова седница, без да бидат поканети сите пратеници, без дневен ред, без стручни служби, без подготвена одлука, без да се утврди присуство на седницата, без да бидат поканети преставници од други органи и на Владата на РМ, кои деловнички секогаш се повикуваат, без да се образложи предлогот, без да се отвори расправа, без присуство на јавноста на седницата, која задолжително се пренесува преку собранискиот канал, без записник и стенографски белешки, без заклетва на пропишан начин, кришум од јавноста, симулираа избор на претседател на Собранието на РМ! Одлука за избор на претседател на Собранието нема.

Заев и СДС заслепени од патолошката желба за власт ништо не почитуваат. Дали мисли Заев дека некој ќе поверува оти е извршен легален избор на претседател? Тоа што го направи Заев е класичен случај на државен удар со насилство врз Уставот и законите и обид за насилно рушење на уставниот поредок со употреба на сила и со употреба на огнено оружје во Собранието. Во тие дејства на Зоран Заев се содржани елементите на кривичните дела велепредавство од членот 305 и Загрозување на независноста од членот 308 од Kривичниот законик.

На седницата од 27-ми под формата процедурално, со еден заканувачки и насилнички говор најави избор на претседател по секоја цена во друга сала, во МАНУ, на Правен факултет или каде било. Тоа го повтори и во прес-центарот на Собранието. Ја подгреваше атмосферата и го поттикнуваше насилството.

Наредба на Заев да се пука со пиштол во Собранието

После најдрската провокација со пеење на албанска химна во Собранието на Македонија и прекинот на седницата, Заев околу 18.20 часот го реализира насилното сценарио за избор на претседател. Не го направи тоа во 14 часот, кога нема никој пред Собранието, туку по 18 часот, кога знае дека пред Собранието има десетина илјади граѓани. Тоа што го направи беше планирано и режирано, со намера да покаже сила и да ги испровоцира настаните што следуваа. Ги испровоцира и ги понижи граѓаните, кои 60 дена мирно протестираа против тиранската платформа и бараа нови избори.

Заев покажа дека е подготвен да употреби оружје за да ја оствари целта и тоа го стори. Спротивно на членот 43 од Законот за Собранието. Телохранители на раководството на СДС влегоа во Собранието наоружани со пиштоли и со бојна муниција. По 72 години се слушнаа истрели од огнено оружје во Собранието. Заев му нареди на телохранителот на раководството на СДС, Ацо Ангеловски, да пука и тој по негова наредба двапати испука куршуми, од кои со еден куршум кој се одбил од таванот е повреден еден граѓанин. Другиот телохранител впери пиштол кон граѓаните со закана дека ќе пука, но тие не се уплашија и сакаа да му го одземат.

По пукањето и заканата со вперување пиштол кон граѓаните, уште повеќе се вжешти состојбата. Испровоцирани и под закана со огнено оружје, некои од граѓаните со чувство на загрозеност се бранеа и фрлаа кон тие што ги напаѓаа со тоа што можеа да дофатат. Граѓаните не влегоа во Собранието наоружани, не носеа пиштоли, палки, шипки и други средства.

Во телевизиско интервју Заев без елементарно чувство на човечност и одговорност, откако призна дека дал наредба да се пука, изјави дека телохранителот Аце Ангеловски „пукаше по процедура и протокол“. Дали човеков знае што зборува? Загрижувачки е еден толку неодговорен човек, кој рефлектира на највисока позиција во извршната власт, да се служи со вакви опасни подметнувања. Kако можеше да нареди да се пука при толку народ и да ги доведе во опасност животите на луѓето?

За каква процедура и за каков протокол зборува Зоран Заев? Во Собранието е забрането да се носи оружје и како тоа може да биде по процедура и протокол? Врз основа на кој закон или правилник пукањето во Собранието е по процедура и протокол? Со сите опишани дејства Заев, Оливер Спасовски и двајцата телохранители, како соизвршители сториле кривични дела загрозување со опасно орудие при тепачка или караница од член 133, Учество во тепачка од член 132 и Недозволено држење оружје од членот 396 од Kривичниот законик.

Согласно став 2 на членот 132, „нема кривично дело за лице што без своја вина е вовлечено во тепачка или само раздвојувало други учесници“. Тешките провокации и особено пукањето и вперувањто пиштол кон граѓаните е нивно вовлекување во тепачка без нивна вина.

Kонтинуиран притисок од група амбасадори

На Балканот и едно чкорче може да запали голем оган, кој бргу се шири и не може да се изгасне со чаша вода. Ако се запали Скопје, огнот ќе пламне во регионот, а може да стигне и до Брисел. Затоа се потребни мудрост и чесност во односите да се зачува мирот, да се градат добри односи и соработка меѓу народите.

Во Македонија досега поминале многу амбасадори, кои и денес се помнат по добрите дела, некои напишаа и книги за Македонија, а повеќето останаа „македонски амбасадори” во сопствената земја по дипломатската мисија.

Зошто денес неколку амбасадори подолго време континуирано се мешаат во внатрешните работи на Македонија? Според член 3 од Виенската конвенција за дипломатски односи, амбасадорите немаат овластување да се мешаат во внатрешните работи на една суверена држава.

Подолго време се врши притисок на власта на ВМРО-ДПМНЕ, а во ова време по изборите се врши огромен притисок за избор на нов претседател на Собранието и нова влада. Американската амбасада во Скопје во рекордно брзо време соопшти дека ќе соработува со Талат Џафери и упати честитки за неговиот избор. Врз основа на кои елементи го утврдија легалитетот на изборот? Амбасадорката на СР Германија, амбасадорите на Шведска, Велика Британија, Холандија и на Италија исто така со своите чести изјави вршат континуирани влијанија и притисоци.

Двојните аршини не се никакво средство за доверба. Не ги осудија тиранската платформа и реториката на албанскиот премиер Еди Рама за голема Албанија, под чие покровителство е потпишана платформата. Тиранската платформа не е осудена ни од Брисел. Немаше никаква осуда за вандалите од шарената револуција, кои ја демолираа и запалија народната канцеларија на претседателот, за употребата на големо насилство и повредата на стотина полицајци и за демолирање државни објекти и споменици, а од минималниот број обвинети никој не е осуден.

Прифатени се 18 позитивни извештаи за наше членство во НАТО. Но, цели 18 години чекаме пред портите во чекалница заборавени. Не се почитува Пресудата на Меѓународниот суд на правдата, со која на Македонија не може да ~ се попречува членство во меѓународни организации. Добивме девет позитивни извештаи за членство во ЕУ и препораки за датум за преговори, но и од тоа ништо. Долго време оваа состојба го измачува народот, кој ги губи довербата и трпението.

Со десетици милиони долари од Сорос и со средства од УСАИД, неколку години се финансира корпус на наводни невладини организации, портали и медиуми, наводни експерти, платеници со дебели „хонорари“ и профитери, кои работат против државата и за насилно рушење на власта.

Со многу елементи на голем притисок врз Македонија, крајната цел е да се смени името на државата и да се обезличат народот и неговиот идентитет. Тоа нема никогаш да се случи. Народот тоа нема да го дозволи и ќе се бори за својата држава создадена со големи жртви на најдобрите синови и ќерки на оваа земја. Ова мала мирољубива земја не може никому да наштети. Зошто им се загрозува перспективата на овој народ и на оваа земја, за чии интереси се работи?

Михаjло Маневски за ДНЕВНИК

 

 

 

 

 

02.05.2017 - 12:11

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега