Почнаа подготовките и пробите за Евровизија
Започнаа пробите на националните представници. Означен и почетокот на Евровизиските денови на годинашниов Избор за песна на Евровизија, Киев 2017.
Украина и нејзиниот главен град Киев или „Градот во сенка на дивите костени“ како што нагалено го нарекуваат Украинците, во следниве 13 дена ќе бидат епицентарот на Европската музика. Најголемиот, најстариот и дефинитвно најгледаниот телевизиски музички избор и спектакл, годинава се одржува во Украина, благодарение на минатогодишната победа на украинката Џамала, којашто победи во Стокхолм 2016, со песната „1944“.
Во Меѓународниот изложбен центар во Kиев, по строго утврден редослед и времетраење, веќе започнаа и се реализираат првите проби на националните представници на 42 земји колку што годинава ќе видиме на грандиозната Евровизиска сцена. Јана Бурчевска и Македонската делегација во вторникот на втори мај, со почеток во 11:20 по украинско време ја имаа првата проба.
Според реакциите на фановите и стотиците новинари присутни во прес центарот сместен во конгресната сала, пробата помина одлично, со конструктивни сугестии од страна на шефот на Македонската делегација Мери Попова, Борислав Миланов член на авторскиот тим на нашата композиција и Амбра, кореографот на сценскиот настап на Јана, во соработка со продукцискиот тим на организторот, во контекст на максимално искористување на сценско- визуелно- техничките перформанси во нашите три евровизиски минути.
На прес- конференцијата на којашто присуствуваа представници на печатени и електронски медиуми, интернет портали и голем број на фанови, максимално опуштена и задоволна од настапот, Јана Бурчевска одговараше на голем број прашања поврзани со нејзината досегашна кариера но и со песната „Dance alone“, којашто според овдешните евровизиски обложувалници високо котира, позиционирајќи се во врвните 10.
По прес- конференцијата и интервјуто дадено за Eurovision TV, интервју со Јана побараа повеќе од 30 акредтирани новинари на национални радио телевизиски дифузери и приватни електронски медиуми.
Во меѓувреме, паралелно течат снимањата на последните фрагменти од најавните видео картички на секоја од земјите со учество на националните представници, тука се настапите во Евровизискиот клуб, националните вечери на делегациите, како и постојаните брифирања и интерни проби на Јана Бурчевска и нејзиниот тим.
За подсетување, на годинашниов избор за песна на Евровизија од првично најавените 43 земји, на Евровизиската сцена ќе видиме 42 земји, по дефинитивното повлекување на Русија и нивната представничка Јулија Самоилова, на којашто Украинските власти не ѝ овозможија влез во земјата поради политички причини и нејзината посета на Крим.
Еве го распоредот на земјите и националните представници во секоја од финалните вечери, како и членките на таканаречената „Голема Евровизиска петорка“ и земјата домаќин Украина, кои што според Евровизиските правила директно настапуваат во големото финале на 13-ти мај 2017-та година.
Македонската Радио Телевизија директно ќе ги пренесува сите три Евровизиски вечери на своите радио и телевизиски програми со почеток во 21 часот.
Коментатор на директните преноси од Киев за МРТ е Каролина Петковска.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа