ДОМ: Знамето е државен, а не национален симбол
Демократската обнова на Македонија го осуди поставувањето знаме на друга држава во кабинетот на претседателот на Собранието.
- Собранието е симбол за парламентарната демократија на Република Македонија како држава, а функцијата Претседател на Собранието е втора највисока функција по значење. Знамето е државен, а не национален симбол. Затоа ваков гест е апсолутно неприфатлив и спротивен на Уставот и законите и ги повредува чувствата на сите граѓани кои Македонија ја почитуваат како своја држава, соопшти ДОМ.
Партијата прашува дали се работи за смислена провокација и бара таков инцидент да не се повтори, зашто тоа, наведува ДОМ, би значело свесно потпалување на и онака зовриените страсти.
- На Македонија во овој миг и треба мирен и демократски трансфер на власта, за да се зачува граѓанскиот и унитарен карактер на државата и да се овозможи трајна стабилност и просперитет на нејзините граѓани. Сите заедно треба да работиме на смирување на тензиите и помирување помеѓу граѓаните со различна припадност по било која основа, наведува ДОМ во реакцијата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа