ВМРО-ДПМНЕ апелира до институциите да не приведуваат недолжни луѓе

ВМРО-ДПМНЕ апелира до институциите кои што се грижат за владеење на правото да не приведуваат недолжни луѓе брзајќи да покажат некаков резултат за немилите настани кои што се случија во Собранието, истакна денеска на прес-конференција. Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден до нивната партија пристигнале информации дека се приведени повеќе луѓе кои не сториле никакво насилство или кривично дело, а полицијата ги држела со часови во полициска станица.

- Апелираме до министерот за внатрешни работи да не ги пречекорува тие надлежности бидејќи дел од нив добиле и притвор без елементарен доказ дека сториле било какво кривично дело или насилство. Треба да се разграничи многу прецизно неколкучасовното влегување на одредени граѓани во Собранието заради насобран револт и гнев, од антидржавните политики на СДС од оние неделовнички и други постапки кои што биле спротивни на демократските процедури и да се разграничи од оние поединци коишто без оправдување и без никакво прифаќање нанеле тешки телесни повреди на присутни пратеници или други личности во Собранието, рече Милошоски.

МВР и Обвинителството, нагласи, треба да се свесни дека за некого да приведат и изнесат пред суд треба да имаат цврсти докази за сторено кривично дело. Според него, ОЈО и судовите не смеат да имаат различни аршини за ваквите настани, од настаните при насилствата врз полицијата направени од шарените протестанти изминатата година, кои вршеа насилство врз македонските полицајци, демолираа одредени институции или ги оштетија.

- Од оние информации кои што ги добиваме дека некои лица добиле и притвор заради вербални деликти, а без извршено физичко насилство. Од тука апелираме до судот да внимава при носење на одлуките и да се држи исклучиво до фактите, доказите, до остановената пракса, а не да понесува некаква партиска наклонетост зависно од тоа кој на која политичка институција или државна институција припаѓа, рече Милошоски.

Посочи дека потсетуваат оти предизвикувач на овој народен бунт е токму СДС која што 60 дена ги игнорираше граѓаните нивното мислење, нивните протести кои мирно и демократски протестираа, ги провоцираше со навреди, со погрдни зборови, со омаловажувања...

- ВМРО-ДПМНЕ континуирано и јавно предупредуваше на сите ризици од ваквиот однос на СДС и од можна ескалација и го замолувавме и претседателот на СДС да не прави и да не презема никакви чекори кои што можат да ја подгреат таа сензитивна атмосфера но очигледно дека уцената кон него за спроведување и прифаќање на пост изборната платформа од Тирана беше поважна и поголема обврска отколку зачувувањето на разумот, рационалноста и соодветното однесување како одговорен политичар, истакна Милошоски.

Го предупредуваме, потенцира, и министерот за МВР, Нухиу да не врши притисок на вработените во ЈМинистерството по секоја цена да апсат што повеќе луѓе без основ со цел тој да добие политички поени или да се покаже како многу способен. Тој рече дека само еден невин уапсен човек е поголем преседан за кој ќе се бара одговорност, доколку се докаже дека бил приведен без основ и без докази.

Според него, најголемиот преседан сепак се случи со кршењето на Деловникот и со незаконскиот избор на Џафери за претседател на Собранието.

Со истакнувањето знаме на друга соседна држава на Република Албанија во институцијата Собрание на Република Македонија и кабинет на претседателот на Собранието, појасни, ова не само што е незаконски потег, туку е потег кој може да ја комплицира и така чувствителната ситуација. - Ваквиот потег само покажува дека СДС веќе прифатила и веќе започнала реализирањето на платформата од Тирана, која што е уцена за поразениот на изборите СДС и Заев да можат да бидат мнозинство во Собранието, додаде Милошоски.

 

 

 

04.05.2017 - 16:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега