Добил отказ, па со шест куршуми го изрешетил градоначалникот на Боговиње

Абизи Ќани (53) од селото Боговиње, кој во саботата претпладне со шест куршуми од пиштол го уби Хазби Идризи (58), градоначалник на Општина Боговиње, а потоа се самоуби пукајќи си во слепоочницата, бил отпуштен од работа поради малверзации што ги направил како вработен во службата за урбанизам и градежништво во Општината Боговиње, пишува ДНЕВНИК

Неофицијално дознаваме дека тој бил следен од полицијата и како сторител на кривичните дела од економскиот криминал меѓу кои и лихварство и кражба и уништување на артефакти поради што полицијата неодамна извршила претрес во неговиот дом. Убиството се случи во саботата околу 10. 40 часот во угостителски објект во близина на Општината. Убиецот го паркирал автомобилот наспроти угостителскиот објект во кој на една од масите седел сам градоначалникот Идризи. Абизи му се доближил и започнал расправија обвинувајќи го дека го оставил без финансии бидејќи го избркал од работа. Потоа Абизи извадил пиштол и испукал шест куршуми во градоначалникот. По убиството убиецот мирно излегол од угостителскиот објект, влегол во автомобилот и заминал дома. По само десет минути откако го убил градоначалникот, убиецот влегол во една од собите во неговата куќа и од истиот пиштол си испукал еден куршум во десната слепоочница. По крвавиот инцидент градоначалникот бил однесен во Kлиничката болница во Тетово но, лекарите констатирале смрт. Убиецот, откако си пукал во главата, се уште давал знаци на живот. Со возило на итна помош тој бил однесен во тетовската болница од каде бил донесен во Ургентниот центар во Скопје каде што починал два часа подоцна. - Увид на местото на настанот извршиле јавен обвинител и увидна екипа од секторот за внатрешни работи Тетово. За сите понатамошни мерки по завршување на увидот насоки ќе бидат дадени од надлежниот јавен обвинител - велат од МВР. Тетовци велат дека убиецот и градоначалникот освен што заедно работеле во Општината, биле и пријатели. Абизи, за тие што го познавале, во последно време бил многу повлечен и чудно се однесувал. Нетрпеливоста кон градоначалникот започнала неодамна кога Абизи добил отказ од работното место, откако до градоначлникот Идризи стасале жалби од жители кои се жалеле дека Абизи им барал и им земал пари за услугите. Неофицијално, Абизи во моментов водел правна битка бидејќи сметал дека незаконски бил отпуштен од работа. Надлежниот јавен обвинител од тетовското обвинителство информира дека била издадена наредба за обдукција на починатите, наредба за собирање на траги и доказен материјал од местото на настанот, како и наредби за криминалистичко -техничко вештачење. Според полициските информации, пиштолот со кој убиецот го убил градоначалникот па се самоубил го поседувал оружјето.  

 

 

 

08.05.2017 - 20:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега