Уставниот суд утре решава за градоначалниците

Уставниот суд е пред одлука за тоа дали ќе им овозможи на градоначалниците да ја продолжат работата и по завршувањето на мандатот. Неофицијално, уставните судии ќе ги одбијат иницијативите на Министерствата за правда и за локална самоуправа, како и иницијативите на Тодор Петров од Светскиот Македонски Конгрес, за укинување на двата члена од Законот за локална самоуправа, коишто го ограничуваат мандатот на градоначалниците на четири години. Градоначалникот на Гостивар, Невзат Бејта рече дека независно од одлуката на Уставниот суд, за локалните избори, сега веќе може да одлучува и новото парламентарно мнозинство.

„Одговорот ќе биде утре, а каков и да биде, позитивен или негативен, ние ги почитуваме државните институции. Но, сепак сега ситуацијата е појасна, ќе му се обратиме на претседателот на Собранието, на којшто законот му овозможува во соработка со сите партиски лидери да одреди датум за одржување на локалните избори, и ова ќе се случи“. – изјави Невзат Бејта, Градоначалник на Гостивар

Претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајановски решението на овој проблем го гледа во Собрание. Тој го повика новото парламентарно мнозинство да усвои законски промени. Во спротивно, вели дека од наредниот месец, можат да излезат нови проблеми на површина, како неисплаќање на плати и немање можност да се извршуваат комунални услуги.

Коментирајќи ги иницијативите за кои треба да решава Уставен, академик Владо Камбовски рече дека ако судиите го продолжат мандатот на градоначалниците и советниците, можат да одговараат кривично. Мандатот на градоначалниците истекува на 15 мај, а рокот за распишување на регуларни локални избори истече на 6 март. Инаку, нивно пролонгирање може да се направи само со измени во Изборниот законик, за што е потребно двотретинско мнозинство во Собрание.

 

 

 

09.05.2017 - 18:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега