Роднините и пријателите се простија од големиот виртуоз - последно збогум за Зоран Маџиров

 

Струмичани, семејството, колегите и пријателите денеска се простија од виртуозот на музиката Зоран Маџиров, а последните пораки до него ги испратија на денешната комеморативна седница.

За неговиот живот и творештво зборуваше неговиот роднина Драган Маџиров, колешката Клара Вета Патарова и музичарот Горан Кукиќ.

Драган Маџиров рече дека се работи за голема загуба за семејството и за фамилијата. - Остана твојата Нина да ги доигра недоиграните улоги на чичко Игор, остана Љубен да ги досвири композициите на својот татко. Но, спомените ќе останат вечни, рече Маџиров.

Семејната пријателка и колешка Клара Вета Патарова истакна дека пријателството кое се градело од детството е предвреме прекинато.

- Нашите татковци беа пријатели и музичари. И ние го продолживме пријателството и музицирањето. Тие се викаа Наќе, а и ние останавме да го користиме тоа „име“. Наќенце, многу муабети се недовршени, многу музика недосвирена. Можеби некаде на некое друго место ќе го завршиме тоа што го започнавме, рече Вета Патарова.

Музичарот Кукиќ посочи дека Маџиров несебично го дал својот придонес и во креирањето на музиката за струмичкиот карневал.

Зоран Маџиров (49) почина на 9 мај по седуммесечна кома од тешка сообраќајка. Беше музичар со над четири илјади концерти со музика на стаклени шишиња. 

Маџиров денеска е погребан на градските гробишта во Струмица. 

 

 

 

11.05.2017 - 15:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега