Манчевски: Заев ќе од кај Иванов по мандат за нова влада

 

Во наредните денови се очекува лидерот на СДСМ Зоран Заев да оди кај претседателот Ѓорге Иванов и да ги однесе гаранциите за унитарноста на државата по што ќе се очекува добивање на мандатот за формирање влада, изјави денеска пратеникот на СДСМ, Дамјан Манчевски.

- Се што треба ќе направиме за конечно да ја стабилизираме државата. Како што и претседателот Заев кажа, не пати од его, и апсолутно, кој, каде и кој прв ќе отиде не е важно, важно е конечно да се заврши работата, но најважно на крајот од денот е конечно Иванов да го испочитува Уставот и да го даде мандатот за состав на нова влада, рече на прес-конференција Манчевски одговарајќи на новинарско прашање.

Тој истакна дека Македонија има итна потреба од нова влада која веднаш ќе се зафати со решавање на проблемите на граѓаните.

- Неопходно е веднаш да се одблокираат демократските процеси во Македонија и Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот за состав на нова влада на претседателот Зоран Заев, рече Манчевски. 

Блокадата на демократските процеси, како што кажа, ќе кулминира за неколку дена.

- На 15-ти мај престануваат мандатите на градоначалниците и советите. Со тоа што ќе нема ниту функционална локална власт, уште повеќе ќе се усложни ситуацијата во која се наоѓаат граѓаните и Македонија, рече Манчевски.

Тој истакна дека е потребен итен, мирен трансфер на власта, со цел Македонија што побрзо да добие функционални институции, да биде продолжен мандатот на локалните власти и да бидат закажани локални избори.

- Апелираме до сите, конструктивно да се приклучат кон промените. Да не вршат никакви попречувања на демократските процеси што водат кон квалитетен живот на сите граѓани и евро-атлантски перспективи на Македонија, рече пратеникот Манчевски.

 

 

 

11.05.2017 - 15:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега