Дневник: Џафери не знае како да ја продолжи седницата на Собранието

Тешко дека до крајот на неделава Талат Џафери ќе закаже собраниска седница за измени на Изборниот законик, иако партиите постигнаа договор локалните избори да се одржат на 15 октомври и од вчера градоначалниците и советниците останаа без мандати и се заканува целосна блокада на локалната самоуправа, пишува Дневник повикувајќи се на собраниски извори.
Според нив седница ќе нема додека парламентарните партии не достават до Џафери предлози за членови на собраниските комисии.

Од друга страна, ситуацијата дополнително се комплицира бидејќи Џафери ќе треба да најде решение како да ја продолжи конститутивната седница која на 27 април ја затвори претседавачот Трајко Вељановски за да се избере комисијата за избори и именувања, која е клучна за изборот на другите собраниски комисии.

 

Продолжувањето на мандатите на градоначалниците и советниците ќе почека и поради ставот на новото мнозинство дека првин чекаат Зоран Заев да го добие мандатот од претседателот на државата Ѓорге Иванов за потоа да се свика собраниската седница за Изборниот законик. Според собраниски извори, подготвена е драфт-верзијата на измените на Изборниот законик и е доставена до парламентарните партии. Во предлогот е наведено дека локалните избори ќе се одржат во првата половина на октомври. Продолжувањето на мандатите на советниците и на градоначалниците до изборот на новата локална самоуправа ќе биде содржано во преодните и завршните одредби на измените на Изборниот законик. Со ова ќе се избегне промена на Законот за локалната самоуправа за што е потребно двотретинско мнозинство, односно 81 глас. По договорот на партиите за новиот датум за локалните избори, од Kабинетот на Џафери соопштија дека тој очекува најбргу што може партиите да се договорат за формирање на собраниските работни тела за да може измените на Изборниот законик да бидат во согласност со Деловникот. 

 

 

 

16.05.2017 - 20:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа