Иванов: Не смее да се генерализира она што го правеше граѓанската иницијатива со насилството кое се случи

Не смее да се генерализира она што го правеше граѓанската иницијатива со насилството кое се случи, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во „Отворено студио“ на ТВ НОВА.

-Тој ден беше тежок и несреќен ден кој создаде лоша претстава за нас во светот. Не смее да се генерализира она што го правеше граѓанската иницијатива со насилството кое се случи. Се случувале насилства во историјата и сме имале моменти кога се содавале многу понегативни реакции, како во 2001-та година. Тогаш парламентот создаде атмосфера на помирување со амнестијата. Имавме многу позитивни пораки и помирувачки тонови денеска и од Заев и од лидерите на албанските партии и од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Иванов.

Додаде дека сите што ги надминале нормите на однесување треба да одговараат, но емотивни реакции и заведување на толпа се последица, а не причина за насилство.

-Треба пратениците да размислат и да ја покажат желбата Македонија да научи како не треба да се однесува, затоа што во парламентот имавме и политичко насилство. Треба да извлечеме поуки и да излеземе од оваа криза со која се создаде страв и гнев кај народот, и ваквата атмосфера влијаеше на секојдневниот живот. Полека треба да преминуваме во период на соочување со реалноста. Ова е наша држава, мора да ја чуваме, но да ги чуваме и институциите. Пратениците се луѓе кои ја имаат довербата на граѓаните, кон нив граѓаните не смеат така да се однесуваат. Револт може да искажат на избори, додека во институциите мора да има ред. Ние сме комплексно мултиетничко општество и имаме мултиетничка демократија. Има и други места во светот каде има нетрпеливост, но преку дијалог и договори треба да се решаваат работите. Поминавме тежок период, ни следи период на учење. Колку ќе извлечеме поуки останува на оние кои се најодговорни во секој сегмент од јавниот живот, оцени Иванов.

 

 

 

17.05.2017 - 21:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега