Сочувство од претседателот Иванов по повод терористичкиот напад во Манчестер

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод терористичкиот напад во Манчестер, упати телеграма со сочувство до кралицата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Елизабета Втора.

- Ваше Величество, со шок и огорченост ја примив веста за бруталниот напад во Манчестер, во кој животот го загубија голем број на невини лица и каде има голем број на повредени. Во овие тешки мигови на длабока тага, дозволете ми да изразам сочувство на семејствата на жртвите на овој грозоморен и антицивилизациски чин, а на повредените да им посакам брзо закрепнување, се вели во телеграмата.

Република Македонија, се посочува, остро ги осудува и се спротивставува на сите терористички напади и е солидарна со Обединетото Кралство во борбата против тероризмот.

- Како никогаш досега, потребно ни е заедништво, максимална соработка и одлучност во борбата против сите оние сили кои преку насилство и терор сакаат да внесат страв и омраза, притоа уништувајќи ги сите цивилизациски придобивки, кои генерациите зад нас истрајно ги создавале. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите, стои во телеграмата. 

 

 

 

23.05.2017 - 12:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега