КЗМ им изрече казна на скопска и прилепска пиварница

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) изрече казни од 5,8 милиони евра за Скопска и од 2,7 милиони евра за Прилепска пиварница затоа што ги ограничувале дистрибутерите во одредувањето на продажната цена.
Според соопштението на КЗК, одлуката за паричните казни на двете компании се донесени на вчерашната седница на Комисијата за одлучување по прекршок, при Комисијата за заштита на конкуренцијата. 
Пивара Скопје АД, од 17 декември 2012 година склучувала договори за продажба и за дистрибуција на нејзините производи со независни дистрибутери, во кои се содржеле одредби со кои ја ограничувале способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена, односно му наметнувале по која цена да ги продава производите на крајните купувачи.
Прилепска пиварница АД Прилеп од 13 ноември 2010 година склучувала договори за деловна соработка со овластени дистрибутери во кои се содржеле обврски за неконкурирање со неограничено времетраење, но и одредби со кои се ограничувала способноста на дистрибутерот да одреди своја продажна цена. 
„Тоа значи дека дистрибутерот не може самостојно да си ја одреди цената по која ќе ги препродава производите на пазарот, што во услови на пазарна економија значи ограничување на конкуренцијата. Ваквите одредби претставуваат ограничувања кои не смеат да бидат содржани во договорите меѓу производителот и дистрибутерот и имаат за цел нарушување на конкуренцијата, според Законот за заштита на конкуренцијата и Уредбата за групно изземање на одредени видови вертикални договори“, стои во соопштението на КЗК. 

 

 

 

23.05.2017 - 13:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега