Осми конгрес на СПМ: Ќе се спротивставиме на секој обид за загрозување на националните и државни интереси

Социјалистичката партија на Македонија денеска го одржа осмиот Конгрес.

На Конгресот се избрани нови органи, а за претседател повторно е избран Љубисав Иванов Ѕинго. 

Од партијата соопштија дека на Конгресот бил поднесен извештај за работата на партијата во изминатиот четири годишен период, направени се мали измени на Статутот на СПМ и се донесени заклучоци за актуелната општествено политичка состојба во државата, разрешување на политичката криза и задачите на партијата во наредниот период.

Во заклучоците што конгресот ги донел се наведува дека Република Македонија во минатите години предводена од коалицијата „За подобра Македонија“ забележала резултати во сите области на општественото живеење. Растот на економијата, животниот стандард, значителното намалување на невработеноста, растот на инвестициите во здравството, образованието, инфраструктурата, социјалната заштита и друго, како што се наведува, придонеле за многу подобар живот на граѓаните на Македонија. 

СПМ, посочуваат оттаму, како и досега со внимание ќе ги следи сите политички превирања и остро ќе се спротивстави на секој обид за загрозување на македонските национални и државни интереси - нејзиниот суверенитет, интегритет, името, јазикот и сите нејзини други атрибути - знамето, химната и слично.

Од партијата наведуваат дека Конгресот изразил загриженост за поделбите во македонското национално ткиво, што, како што се посочува, е погубно за иднината на нашата држава. Затоа, нагласуваат од партијата, мора ефикасно да се дејствува за смирување на страстите и градење на единство по битните национални и државни интереси.

СПМ и натаму ќе дејствува за изградбата на демократска, правна, и граѓански уредена држава во која власта произлегува и ја определува народот, стои во соопштението од партијата. 

 

 

 

27.05.2017 - 15:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа