Данев: Локални и предвремени парламентарни избори се излез од кризата во која СДС ја втурна државата

Целиот овој период парламентарното мнозинство се однесува неодговорно и не покажува никаков интерес за деблокирање на процесите во државата. Ваквото недговорно и деструктивно однесување на СДС граѓаните го гледаа и кога СДС беше во опозиција и сега кога СДС го има мнозинството за составување на идната влада, истакна денеска на прес-конференција Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме говорот на Данев:

Помина еден месец од незаконскиот обид партеникот Талат Џафери да биде избран за Претседател на Собранието на Република Македонија.

Помина еден месец од флагрантното кршење на Деловникот, законите и Уставот од страна на СДС и нивните партнери.

 

Кому и зошто му се брзаше да го скрати правото на дискусија на пратениците, едно од најсветите права, и да го прекрши Деловникот заобиколувајќи го изборот на членови на Комисијата за избори и именување.

Дали свесно се одеше на провокација и инциденти, кога целата јавност гледа дека веќе еден месец собраниското мнозинство не покажува никаква намера за Собранието да почне да работи.

Поминаа петнесет дена откако ВМРО-ДПМНЕ побара собраниското мнозинство да создаде услови да се деблокира работата на локалната самоуправа и да се распишат локалните избори.

Поминаа две недели откако партиите се согласија локалните избори да се одржат на 15-ти Октомври. Во сето ова време, ниту се одблокираше Собранието, ниту прават чекори за закажување на локалните избори.

Ние како партија понудивме три разумни термини и излеговме со став дека што поскоро се одржат локалните избори, толку е подобра користа за граѓаните, односно многу порано ќе добијат локална самоуправа која ќе се посвети на реализација на проектите и подобрување на условите во средините во кои граѓаните живеат.

За жал, целиот овој период парламентарното мнозинство се однесува неодговорно и не покажува никаков интерес за деблокирање на процесите во државата.

Ваквото недговорно и деструктивно однесување на СДС граѓаните го гледаа и кога СДС беше во опозиција и сега кога СДС го има мнозинството за составување на идната влада.

ВМРО-ДПМНЕ  повторно повикува да се вразумат и да не се водат од личните и теснопартиските интереси и да ги откочат процесите во интерес на граѓаните.

Локалните избори да се распишат час поскоро, а заедно со нив ВМРО-ДПМНЕ смета дека треба да се одржат и нови предвремени парламентарни избори како излез од кризата во која СДС ја втурна државата.

 

 

 

 

28.05.2017 - 15:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега