Панел дискусија на ВМРО- ДПМНЕ: Сите проекти во инфраструктурата се за граѓаните и тие мора да продолжат, СДСМ не смее да ги укине (ВИДЕО)

Во рамки на одбележувањето на денешниот роденден на 27. роденден на ВМРО-ДПМНЕ и 124 на Организацијата, вчера се одржа панел-дискусија „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“.

Владата на ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период работеше на многу инфраструктурни проекти, истакна поранешниот министер за транспорт и врски, Владо Мисајловски на панел дискусијата.

Тој потенцираше дека сите проекти во инфраструктурата се за сите граѓани, додавајќи дека кој и да дојде на позиција мора да ги продолжи сите проекти.

-ВМРО-ДПМНЕ започна со изградба на три автопати, можеме да видиме на терен дека се работи насекаде. Се работи од Демир Капија до Смоквица, еден исклучително квалитетен проект, кој се очекува да биде завршен наскоро, појасни Мисајловски.

Тој го спомена и автопатот Миладиновци – Штип, за кој очекува дека ќе биде готов во следната година.

-Исто така се работи на уште еден огромен автопат, најголемата капитална инвестиција во Република Македонија, тоа е од Охрид до Кичево. Инвестиција од 400 милиони евра, еден од најкрупните проекти. Таму се работи постојано и постајно се зголемува динамиката, но останува прашањето: Дали ќе го сработат?, посочи Мисајловски.

Според него, многу е важно да бидат повикувани сите чинители кои се директно инволвирани во проектите.

– Треба да се засукаат ракавите и постојано да се оди на терен, да се викаат сите компании на состаноци, да видите што може да се извади подобро од тој проект и така да се стигна на време, рече поранешниот министер.

Мисајловски потенцираше и дека ВМРО-ДПМНЕ почна да гради и многу експресни патишта.

-Веќе се завршија патиштата од Велес до Кадрифаково, започна и патот од Штип до Кочани. Сето ова е видливо и може да се види на терен.  Започна експресен пат од Прилеп до Градско. Се ова се капитални проекти. Јас очекувам дека ќе ја продолжи оваа динамика на работа и од новата влада, истакна Мисајловски.

Вели дека министрите во новата влада постојано имаат средби со амбасадори, но како што рече, никако да видиме нешто да започне.

-Гледаме дека последните неколку дена има многу средби на министрите со амбасадори. Постојано се зборува за нешто што не чини, но никако да видиме нешто да започне. Ветија 500 километри автопат. Јас имав можност на една прес-конференција да прашам: Каде ќе биде тој автопат?

Мисајловски подвлече дека многу е лесно да се вети, но оти 500 километри автопат е многу сериозна работа за Република Македонија.

-Не е само да ветите и да излажете. Не можете да ветите автопат, а да немате добра анализа и да испроектирате за неколку години. Тие велат дека ќе направат од секое населено место дека ќе се стига за 90 минути, но повторно не кажуваат каде ќе градат, колку средства ќе се обезбедат, вели Мисајловски.

Според него, 50-тина проекти кои ги напишале во програмата веќе се градат, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ оставиле многу проекти за во иднина кои ќе треба да се досработат. Тој појасни дека министерот за транспорт и врски може постојано да излегува на терен и да ги промовира проектите започнати од владата на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имавме одличен проект со Визер, со нискобуџетните летови. Можеме да видиме дека постојано се зголемуваа авиолетовите за сите граѓани на РМ, односно нови дестинации за сите граѓжани. Тоа е одличен проект за кој што се надеваме дека ќе продолжи, посочи Мисајловски.

Истакна и дека ќе бараат многу проекти од владата на СДСМ, но ќе бараат и се што ветиле во предизборната кампања во рокови да биде испорачано.

-Треба да излезат на терен, да се видат со граѓаните, рече Мисајловски, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да го излажат народот.

Според него, во изминатиот период се градеа многу социјални станови, многу станови за млади брачни парови, посочувајќи дека од новата влада ќе бараат да се случува истото.

Мисајловски потенцираше дека СДСМ имаше најави дека ќе укинуваат многу работи, но оти во инфраструктурата не смее да се дозволи да се укинат проекти.

Ние како ВМРО-ДПМНЕ сме единствена партија која гради и реализира проекти. Го остваруваме она што го ветуваме, истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, која исто така присуствуваше на панел дискусијата.

-Гледајќи го сега составот на новата влада, ценам дека нема да биде успешна. Истите лица од минатото, па според тоа, како и во минатото така и сега- многу ветувања, а малку проекти. Ние се разликуваме по тоа што, сето она што сакаме да го направиме го ставаме во програма која е добро смислена.

Трајановски потсети дека од 2009 година е градоначалник на Скопје.

-Секако дека има многу проекти кои видно го изменија изгледот на главниот град на Македонија. Да се потсетиме какви беа булеварите тогаш какви се сега, исто така и за автобуски превоз- каков беше во минатото каков е сега, каква е сега комунална хигиена, какви беа парковите и колку зелени површини имаше во минатото, какво е сега…

Градскиот татко на панел дискусијата говореше и за реализацијата на инфраструктурните проекти во скопските општини.

-Градевме во сите 10 општини, без разлика дали градоначалниците се од власта или опозиција. Вложувавме во сите 10 општини. Реализиравме и во урбаниот и во руралниот дел. Нема општина во која нема некој крупен проект, подвлече Трајановски и додаде дека секоја година Град Скопје и финансиски им помага на општините.

-Кога ние дојдовме на власт, Јавните претпријатија на Град Скопје должеа 17 милиони евра, а сега се во добра финансиска и кадровска позиција, истакна Трајановски.

Потенцираше и дека е склучен е договорот за Луна Паркот и се очекува до август или септември да пристигнат првите реквизити во новиот Луна Парк.

Во 2006. година, владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука дека четири државни инстуции мора да се реформираат. Тоа се Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Царинската управа и Агенцијата за катастар на недвижности, истакна Славчо Трпески на вчерашната панел дискусија „Единствени кои реализираат проекти во инфраструктурата“ во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

-Од тој момент, од 2006. година до денес можеме да видиме дека Централниот регистар во Doing Business извештајот од минатата година е на второ место во светот. Управата за јавни приходи, преку својата академија дава веќе консултантски приходи. Царинската управа е поврзана со европскиот систем за царинење иако Република Македонија не е членка на ЕУ. Агенцијата за Катастар на недвижности по Doing Business извештајот е на 17. место, лидери во Југоисточна Европа, потенцираше Трпески.

Вели дека во 2006. година 56 осто од територијата на Македонија воопшто немаше Катастар, а луѓето воопшто не можеле да купуваат недвижности, додавајќи дека во местата каде што имало Катастар се чекало и по една година.

Трпески потенцира дека во рамките на град Скопје имало само едно шалтерско место за целиот град.

– За шест години се воспостави Катастар на целата територија на Македонија, а веќе од 2012. година на кој било дел во Македонија може да се купуваат, продаваат недвижнини, потенцира Трпески.

Посочи дека Електронскиот катастар беше воведен во 2012. година на целата територија на Македонија, додавајќи дека неговото воведување овозможи многу бенефити за многу категории на граѓани, но и за самиот бизнис.

-Покрај овие работи, Катастарот изминатите години направи 9 циклуси на отворени денови на Катастарот со граѓаните. Девет години по ред вработени во Катастарот одеа од град во град за да ги слушнат сите проблеми на граѓаните, сите проблеми на бизнис заедницата, за да може да ги видиме, да се соочиме со нив и во новите законски решенија да ги предложиме нивните промени, односно резултатите, односно начинот како истите да ги подобриме, рече Трпески.

Потсети дека во изминатиот период Агенцијата за катастар на недвижности направи дигитализација на севкупното свое работење.

-Не само Електронскиот катастар кој што овозможи дигитализација на примарниот бизнис процес, туку Катастарот го направи електронското работење во својот секундарен бизнис процес, истакна Трпески.

Благодарејќи на електронскиот шалтер, рече Трпески, денеска се поврзани сите професионални корисници, сите нотари, сите геодети, сите проценители, најголемиот дел од банките, судови, обвинителства. Тој додаде дека денес податоците од Катастарот може да се добијат за 24 часа.

-Пред две години го воспоставивме регистарот на цени на недвожности. Се зголеми и транспарентноста во делот на градежното земјиште. Минатата година го воспоставивме системот кој овозможи, секој урбанистички план кој е донесен во Република Македонија да влезе во регистарот на градежно земјиште и на транспарентен начин, преку веб-порталот на Агенцијата за катастар, секој граѓанин да може да ги види, посочи Трпески.

Според него, доаѓаме во период кога сите овие проекти кои што се направија во изминатите години, треба да продолжат.

-Ако ја погледнеме програмата на новата влада можеме да видиме дека во истата, во делот на Катастарот има четири проекти. „Да се донесе закон за геодетска дејност, да се направи адресен регистар, да се направи регистар на просторни податоци и да се намалат цените на услугите на катастарот“, вели Трпески, додавајќи дека националната инфраструктура на просторни податоци е проект кој што во Катастарот е веќе завршен.

Тој потсети дека законот е веќе донесен.

-Националниот геопортал е веќе воспоставен и четири државни институции се поврзани на истиот. Јас се надевам дека иако новата влада ќе продолжи да го доградува националниот геопортал и сите државни институции да се приклучат на геопорталот, потенцира Трпески.

Во врска со Адресниот регистар, тој рече дека Европската Унија во 2014. година донела детална спецификација на адреси на ЕУ.

– Веднаш се пристапи кон усогласување на македонското законодавство со законодаваството на ЕУ. Новата влада веќе го има новиот закон за Адресен регистар, единствено што треба да направи е да го проследи до македонското Собрание се со цел Република Македонија да донесе нов закон за Адресен регистар кој ќе биде потполно усогласен со европските регулативи. Адресниот регистар е еден од клучните регистри во секоја држава и не би требало да се дозволи импровизација, истакна Трпески.

Во врска со законот за геодетска дејност кој е предвиден во програмата на владата на СДСМ, тој вели дека е спротивен на европските директиви.

– Во ЕУ строго е забрането да се фаворизира некоја професија, бидејќи тоа е спротивно на пазарот и пазарните услови. Во самата програма на владата стои дека ќе се донесе нов закон за геодетска дејност. Се надевам дека е некој лапсус и дека новата влада нема да оди спротивно на ЕУ и европските регулативи, посочи Трпески.

За намалување на цените на катастарот, тој рече дека мора да се направи една анализа, какви биле цените на катастарските услуги во 2006. година, а какви се денес.

-Во 2006. година цената на еден имотен лист беше 250 денари, но само за една катастарска парцела. Доколку во еден имотен лист има повеќе парцели, тогаш цената на имотниот лист можеше да достигне и до 1.000 денари, ако не и повеќе. Во 2007. година владата веднаш ги скрати цените за 50 отсто. Дополнително, во 2010. Катастарот направи нови намалувања на цените од 10 до 72 отсто, а пред две години, за сите електронски производи што ги изадава ги намали цените за 20 проценти. Ако имотниот лист во 2006. година можеше да достигне дури до 1.000 денари, денес е фиксна цената, за електронски е 150 денари, а за хартиениот имотен лист е 180 денари, потенцира Трпески.

Според него, доколку новата влада сака да ги намали услугите на катастарските услуги, тогаш ќе мора да направи добра анализа. Катастарот е непрофитна институција, но доколку цените на услугите повторно се намалат, тогаш би можело да дојде до банкрот на Катастарот.

Сето она што им го ветивме на граѓаните, ние го реализиравме. Во изминатиот период во Велес се изработени 378 проекти од секој сегмент, истакна градоначалникот на општина Велес, Славчо Чадиев, кој исто така говореше на панел дискусијата.

-Покрај реализација на проектите, целта беше и да се направат услови за вработување на граѓаните на општината и успеавме во тоа. Во овој момент во Велес се бара работник повеќе. За првпат после 26 години, во Велес има потреба од кадар за работење и во фабриките и во другите институции.

Чадиев потенцираше и дека многу е постигнато и во областа на спортот и младите.

-Пред нашето раководење со општината, одговорно тврдам дека во населените места немаше удрено клинец, сега во секое населено место има по нешто направено. Не е заборавен ниту еден дел од градот. Ние ветивме градежна офанзива во Велес и таа се уште трае, од првиот ден до денес. Градот оди напред, а ние ќе продолжиме на тој начин.

Градоначалникот истакна и дека Велес никаде го нема во програмата на СДСМ.

 

 

 

 

 

17.06.2017 - 11:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега