Заев-Фини: Поддршка од Австралија за демократските реформи на Владата

Претседателот на Владата на Република Маедонија Зоран Заев попладнево се сретна со амбасадорката на Австралија за Македонија, Јулија Фини при што заеднички констатирале пријателски односи помеѓу Македонија и Австралија и изразиле согласност дека со политичка волја од двете страни има и потреба и простор за нивно унапредување.

Како што соопшти владината прес-служба, на средбата амбасадорката Фини на премиерот Заев му ја пренела честитката од австралискиот премиер Малком Турнбул за стапувањето на должност претседател на Владата на Република Македонија.  

- Австралиската амбасадорка оцени дека крајот на политичката криза и определбата на новата Влада кон реформи го отвора патот на државата кон ЕУ и НАТО. Амбасадорката Фини соопшти дека Австралија ја поддржува Македонија во евро-атлантските интеграции, стои во соопштението.

Премиерот Заев, се додава, изразил благодарност до големиот и важен пријател за Македонија како што е Австралија.

- Владата е насочена кон силна реформска агенда. Ќе ни биде потребна сета помош и поддршка и од Австралија којашто има искуство во демократските процеси. Подаваме рака и кон дијаспората од Македонија во Австралија да се вклучи во реформските процеси важни за Македонија, рекол претседателот на Владата.

Премиерот Заев истакнал дека Владата води инклузивни политики со влучување на сите кои сакаат да придонесат во создавањето услови за квалитетен живот во Македонија.

- Има согласност дека приоритет треба да имаат реформите што обезбедуваат владеење на правото и објективни медиуми коишто се носители на развојот на демократијата. Австралиската амбасадорка Фини вети помош и поддршка во овие сфери. Таа потенцираше дека е важно Македонија да се движи напред, како за граѓаните на нашата држава, така и за регионот, се наведува во соопштението.

Премиерот Заев нагласил дека со политиките на едно општество за сите, на што ги темели политиките новава Влада, Македонија може да биде пример во регионални рамки и пошироко, како може да се надминат неизвесностите и да се овозможи достоинствен живот за сите граѓани, се наведува во соопштението од прес-службата на Владата. 

 

 

 

19.06.2017 - 18:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа