ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи подобрување на односите со соседите, но ништо кое е спротивно на интересите на Македонија

ВМРО-ДПМНЕ е за градење  добрососедски односи, базирани на заемно почитување и ќе поддржи се што е во насока на подобрување на односите со соседите, но ништо кое е во спротивност со интересите на македонскиот народ и држава, рече денеска на прес-конференција, Трајчо Димков.

Тој додаде дека  до потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, што Заев го најави за Илинден, остануваат уште 40-тина дена, а дека никој во Македонија не знае што тој прифатил во Софија.

– Граѓаните на Република Македонија треба да знаат на што се согласил Заев во Софија. Тој изјави дека е договорено се, освен еден мал сегмент кој ќе го утврдат со најобично кафе пиење, за да на 2 август во Македонија биде потпишан договорот, рече Димков.

Потенцира дека Заев треба да објасни на македонските граѓани и кои делови од учебниците по историја ќе се одлучи што да се брише.

Според Димков, Заев срамно молчи за изјавите дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, исто како што молчи и околу тврдењата дека суверена Македонија била творба на коминтерната. – Заев и Владата молчат и кога се негира посебноста на македонската историја со апсурдни образложенија дека Македонија и Бугарија немале ниту заедничка историја, туку една иста. Ваквото однесување е недозволиво. Министерството за надворешни работи има обврска да ги штити македонските национални интереси, рече Димков.

Тој додаде дека додека Заев ја обвинува Република Македонија за национализам, од многу страни доаѓаат изјави со кои се негира македонската држава, јазик, култура и историја.

– Зоран Заев ја обвинува Република Македонија за национализам и омраза, а ниту еднаш не кажа кон кого Република Македонија шири национализам и омраза и во што ги видел национализмот и омразата, смета Димков.

Истакна дека наместо распродажба на националите интереси на државата и разградување на националното ткиво, граѓаните од Заев очекуваат да ги исполни изборните ветувања за 16.000 денари минимална плата, 30.000 денари просечна палата, нови 500 километри автопат и 550 километри магистрални и регионални патишта, како и плата од 100.000 денари за докторите.

 

 

 

23.06.2017 - 17:55

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега