Изминативе неколку денови охридскиот и струшкиот регион го стресоа дури 500 земјотреси

Повеќе стотици земјотреси за само неколку дена ги здрмаа охриѓани и стружани. Денеска повторно тлото се стресе. Рано утрово во 1 часот и 52 минути. Некои имаа послаб, а некои посилен интензитет. Сеизмолозите велат – поголемиот број земјотреси биле слаби, но ги имало во исклучитлено голем број- пишува Алсат.

„Ова е исклучително активна недела и имаше околу 500 земјотреси којшто се должат на активноста на трите раседи од охридското епицентрално подрачје.“ – вели Драгана Черних, Сеизмолошка опсерваторија, Скопје

Серијата земјотреси во охридско-струшкиот регион започна пред десеттина дена, односно на 18 јуни со потрес со јачина од 4,1 степен по Рихтер. Потоа следуваа и други од 3,6 до 3,9 степени.

„Овие земјотреси се должат на трите петринско – пештански раседи коишто се наоѓаат на источниот дел на охридската депресија. Тие се длабоки раседи со длабочина од 1.500 метри и ги даваат сеизмичките активности во тоа подрачје.“ – додава Черних

Честите земјотреси деновиве предизвикуваат страв кај некои жители.

„Сигурно дека не е чувството добро. Човек ќе биде малку вознемирен кога ова е секојдневно.“

„Баш во тоа време кафе пиев, но не беше некој силен земјотрес. Тој што беше вечерта беше беше малку посилен и се почувствува повеќе, но тоа е тоа, па продолживме да спиеме.“ – велат граѓаните

А, поради екот на туристичката сезона, хотелските работници велат дека засега странските гости не рекле дека се загрижени поради земјотресите.

„Се создаде малку паника кај народот. Почна често секој втор ден да има. Од туристите нема поплаки, но кај домашните, комшиите имаше паника, стрес.“ – вели еден сопственик на локал

„Вчера дојдовме во Охрид, но не осетивме ништо. Ништо не може да нè спречи да дојдеме овде, па ниту земјотрес.“ – вели турист од Холандија

Инаку, историски гледано, најсилниот евидентиран земјотрес во Охридско-струшкиот регион се случил во 1527 година и имал јачина од дури 6 степени по Рихтеровата скала.

 

 

 

27.06.2017 - 16:15

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега