Пожарот кој беснееше во струшко целосно изгаснат
Целосно е изгаснат пожарот што вчера попладне избувна во шумскиот предел меѓу струшките села Делогожда и Поум, информира командирот на Противпожарната единица во Струга Минир Мамуди.
Тој посочи дека нивни екипи остануваат на терен да направат проверка на целата опожарена територија за евентуални жаришта.
- Пожарот е целосно изгаснат. Во моментот се прави контрола на целиот терен. Причинета е голема материјална штета, опожарени се над 30 хектари борова шума, изјави Мамуди.
Во гасењето на огнената стихија која била регистрирана вчера околу 15 часот, покрај струшките пожарникари учествуваа и нивните колеги од Охрид, Кичево, Битола и Ресен, екипи на јавното претпријатие „Јабланица“, Дирекцијата за заштита и спасува и локалното население.
Утрово беа вклучени и два специјални авиони за гаснење пожари „Канадери“ на Дирекцијата за заштита и спасување, кои помогнаа во локалнизирање на огнената стихија, која претставувала опасност да се прошири кон населените места.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа