Заев-Бартол: Новата Влада ја движи Македонија во правец кон НАТО и ЕУ

Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата, истакнал шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Република Македонија Горазд Бартол на денешната средба со премиерот Зоран Заев. 

- Поттикнавте позитивна енергија што се чувствува во земјата, а ја чувствува и Брисел, преку демократските политики на новата Влада на инклузивност и градење мостови меѓу граѓаните во земјата, добрососедство во регионот и отворена меѓународна соработка. Правецот во којшто се движи Македонија е добар и отвора перспективи за граѓаните и за евро-атлантските апсирации на земјата, е пораката Бартол му ја пренесе на Заев, соопшти владината прес-служба.

Тој му го честитал на Заев преземањето на должноста претседател на Владата на Република Македонија и изразил отвореност на Канцеларијата на НАТО во Македонија, за помош и поддршка во сите чекори што ги прават Владата и нашата држава, за членство во Алијансата.

- Свесен сум дека е време за лидерство што ќе обезбеди напредок на државата и од Македонија ќе создаде земја на среќни луѓе. Тоа е моја цврста цел, како и на новата Влада. Затоа Владата е одлучна, да ги остави предрасудите во минатото и да ја обезбеди иднината на државата, којашто е во НАТО и во Европската унија, истакнал Заев.

Претседателот на македонскаат Влада изразил уверување дека активниот реформски процес што го иницира Владата ќе биде сигнал за Европа и за НАТО дека граѓаните и Република Македонија заслужуваат да бидат дел од овие две најголеми меѓународни демократски организации.

На средбата, премиерот Заев го повторил очекувањето дека по Црна Гора, Македонија ќе биде следната земја членка на НАТО, за што од страна на претставниците на Канцеларијата на НАТО во Македонија е изразена јасна поддршка. Договорено е интензивирање на соработката со Канцеларијата на НАТО во Македонија и со земјите членки на Алијансата.

Како што е наведено во соопштението, на состанокот било констатирано дека фокусот на сите 29 земји членки на НАТО е кон Република Македонија и кон потезите на новата демократска Влада којашто покажа значаен пример, како низ мудри и одговорни политики, може да направат демократски промени.

 

 

 

 

30.06.2017 - 12:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега